Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал при МВР, во координација со Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), изврши повеќе претреси на локации низ Скопје, при што се приведени единаесетмина за сторени кривични дела „Лихварство“ и „Перење пари и други приноси од казниво дело“.
МВР поднесе кривична пријава против вкупно 12 лица, меѓу кои и Б.К. (35) кој во моментов е недостапен за органите на прогонот. Осомничени се и Љ.Љ. (29), Д.В. (29), А.Т. (29), Д.Љ. (32), М.В. (25), М.Н. (36), А.Т. (32), З.А. (42), М.К. (73), П.К. (41) и Г.С. (46), како и едно правно лице.
Според истрагата, деветмина од осомничените од почетокот на 2022 година се организирале во криминална група која давала заеми на граѓани под исклучително неповолни услови – со месечна камата од 5 до 15 проценти. Искористувајќи ја тешката финансиска состојба на оштетените, барале враќање на позајмените пари со висока камата, а доколку не можеле да платат, ги принудувале да го заложат или да го пренесат својот имот на некој од осомничените.
Наплатата се вршела директно, во готовина или преку трансакциски сметки. На тој начин, групата стекнала противправна имотна корист од над 125 милиони денари (околу 2 милиони евра).
Потоа, средствата биле внесувани во легални финансиски текови – преку плаќање на различни услуги, трансакции кон фирми и физички лица, купување недвижности и возила, како и повлекување на готовина. Дел од осомничените користеле дел од нелегално стекнатите пари за финансирање на луксузен живот.