Актуелниот градоначалник на Општина Центар и кандидат за втор мандат Горан Герасимовски рече дека верува оти центарци и во вториот круг ќе го одберат концептот „За Центар што го сакаме“.
„Се надевам дека сите оние коишто веруваат во нашиот концепт дека и во вториот круг ќе го дадат својот глас за заедно да ја водиме општината и во наредните четири години. Покажавме различност, немавме мнозинство во советот. Претседател на советот беше од друга политичка партија. Но, и сега имаме интересен состав на советнички групи од повеќе политички партии и верувам дека ќе го прифатат истиот концепт којшто го имавме изминатите години. Продолжуваме да работиме во интерес на граѓаните. Сите советнички групи и политиката ќе биде целосно тргната на страна во Општина Центар“ – рече Герасимовски.
Тој потенцира дека има одлична програма, којашто е пишувана заедно со граѓаните, за разлика од некои против кандидати кои ги имаат копирано проектите од програмата.
„Ние самите проекти ги пишуваме со граѓаните четири години наназад. Нашите буџетски форуми кои ги предлагаме ќе ги направиме во текот на следната недела. Ги слушаме граѓаните. Верувам дека граѓаните ќе го препознаат концептот, во првиот круг го препознаа, верувам дека и во вториот круг ќе го препознаат и ќе ни ја дадат целосната доверба. Ги повикувам сите оние жители, сите оние центарци коишто во првиот круг дадоа глас на одредени политички партии и независни кандидати да ни се приклучат во концептот „За Центар што го сакаме“ за заедно да ја направиме општината поубаво место за живеење на сите“, порача Герасимовски.