Куманово прераснува во регионален економски центар благодарение на големиот број странски и домашни инвестиции кои или се во тек или наскоро ќе започнат да се градат во најголемата општина во Македонија. Кандидатот за трет градоначалнички мандат во Куманово и претседател на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија, Максим Димитриевски вели дека општината ги има сите предиспозиции да биде „мотор на економската локомотива“ не само на земјата, туку и на целиот регион.
„Светскиот гигант Лидл веќе инвестираше околу 110 милиони евра, и досега отвори над 150 нови работни позиции. Тоа се над 150 причини младите да не емигрират, туку да се обидат својата животна перспектива да ја реализираат во своето родно место. Младите се иднината на Куманово и токму тие се главната причина заради која сите заедно мора да работиме на економски развој и напредок. Општина Куманово ќе ги вложи сите свои капацитети да обезбеди што е можно повеќе нови инвестиции, но ќе продолжи да ги поддржува младите и преку образованието, културата, спортот“, рече Димитриевски.
„Отвораме нови можности за вработување, нови можности за развој и просперитет на нашиот град и регионот. Да продолжиме да го развиваме Куманово во место на домашни и странски инвестиции, отворање нови индустриски зони, нови вработувања за младите, нови перспективи. Да го подигнеме БДП, и во Куманово, и во регионот, и во државата“, истакна Димитриевски.
Актуелниот градоначалник на Куманово, кој е во трка за нов мандат, најави дека во идниот четиригодишен мандат заедно со неговиот тим ќе работи на остварување на целта за економски развиено Куманово. Еден од приоритетите во програмата на Движењето ЗНАМ е Куманово да биде општина со најголем економски раст во државата, најголем број новоотворени работни места и најсветла перспектива за младите.