Приватните автобуски превозници во Скопје од утре ќе сообраќаат по редовен возен ред. ЈСП попладнево уплатила по 6 милиони денари на трите компании, потврди сопственикот на Јофи Бус, Јовица Зафировски.
– Денеска во 16 часот добивме информација дека ни се уплатени по 6 милиони денари по пакет и после координацијата со превозниците утре се враќаме да возиме по зададен возен ред. Сумата не е многу голема меѓутоа ние кажавме да ни се уплати одредена сума за да можеме да продолжиме. Тоа задоволува за наредниве две недели да возиме редовно и се надеваме дека во тој период ќе имаме средства односно уплата од ЈСП за да можеме без прекин да работиме, истакна Зафировски.
Тој потсети дека автобусите имаат потреба од редовно сервисирање како и секојдневна употреба од гориво за да возат и нагласи дека поради овие трошоци мора редовно да им се уплаќаат средства за да нема прекин, а граѓаните да не чекаат по автобуските станици.
Приватните превозници Јофи Бус, Вестор Транс, Радос Компани кои сообраќаат во Скопје во петокот побараа од ЈСП да им биде исплатен вкупниот долг од 170 милиони денари, од кој, како што изјавија, во момент биле доспеани 90 милиони денари.
Тие денеска возеа редуцирано од 5 до 10 часот, а од утре се враќаат по редовен возен ред.