Ѓорѓиевски: Ќе изградиме мега парк долж течението на реката Лепенец на потегот помеѓу Бардовци – Злокуќани – Даме Груев

Од:

Кандидатот за градоначалник на Град Скопје од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски, денеска, во рамки на предизборната кампања за претстојните локални избори, го презентираше планираниот проект за изградба на мега парк долж течението на реката Лепенец на потегот помеѓу Бардовци – Злокуќани – Даме Груев, којшто ќе опфаќа површина од над 300.000 квадратни метри.

– Со изградба на мегапарк Лепенец ќе го претвориме ова подрачје во современ зелен простор уреден по европски стандарди. Паркот ќе се простира по течението на реката Лепенец на потегот помеѓу Бардовци – Злокуќани – Даме Груев и ќе опфаќа површина од над 300.000 квадратни метри. Тој ќе биде првиот парк што ќе ги поврзува повеќето скопски општини и ќе биде наменет за сите граѓани на Скопје, не само за карпошани. Ќе создадеме нова урбана оаза за рекреација, спорт, семејни активности, со што ќе му го вратиме животот на ова заборавено градско ткиво, посочи Ѓорѓиевски.

По течението на реката Лепенец, додаде, ќе бидат воспоставени зелени коридори со пешачки и велосипедски патеки кои, како што рече, ќе ги поврзуваат населбите, парковите и јавните институции.

– Паралелно со тоа планираме воспоставување зелени коридори по целата должина на реката Лепенец со пешачки и велосипедски патеки кои ќе ги поврзуваат населбите, парковите, но и јавните институции. Овој проект ќе го интегрира Лепенец во животот на градот и ќе го претвори во симбол на урбана поврзаност, чиста животна средина и граѓанска гордост пред сѐ, вели Ѓорѓиевски.

Визијата за зелено Скопје, рече, нема да застане со овие проекти. Тој истакна дека предвидени се проекти за изградба на мегапарк на моменталната дива депонија Вардариште, мегапарк долж булеварот Христијан Тодоровски – Карпош, како и градска шума во Расадник во Кисела Вода.

– Предвидуваме и мегапарк Вардариште којшто ќе ги претвори поранешната депонија во европски пример за зелена рекултивација. Градска шума во расадник во Кисела Вода, најголемиот зелен проект во урбаното подрачје. Мегапарк долж булеварот Христијан Тодоровски Карпош, првиот зелен коридор од ваков обем во Бутел, како и проектот Скопски зелен архипелат кој предвидува 50 нови маалски паркови низ сите делови од нашиот главен град, истакна Ѓорѓиевски.

Дополнително, тој најави и целосна обнова на Градскиот парк во Скопје и Паркот на природата во Гази Баба, кои, како што рече, се двата најголеми еколошки симболи на градот.

– Во овој дел еден од најважните проекти е изградбата на булеварот Љубљанска, со комплетирањето на делот од завршениот мост до улицата Скупи ќе се воспостави клучна врска помеѓу северниот и западниот дел од градот Скопје. Ова ќе овозможи подобар пристап до Злокуќани, Бардовци и индустриската зона, ќе се растовари метежот на булеварите Партизански одреди и Илинденска и ќе се овозможи побрз и побезбеден проток кон обиколницата, посочи Ѓорѓиевски.

Вели потребна е забрзана доизградба на клучката Момин поток, со која, според него, би се деблокирала една од најоптоварените сообраќајни крстосници во Скопје и би се овозможило поврзување на северозападниот дел на Скопје со централните индустриски зони.

– Приоритет ќе биде, исто така, и реконструкцијата на улицата Загребска, која што е од витално значење за функционирањето на Детската клиника Козле. Оваа улица не е само пристап за жителите, туку и за возилата на итната медицинска помош, што ја прави нејзината санација прашање од јавен итнерес, но пред се за безбедност, посочи Ѓорѓиевски.

Кандидатот за градоначалник на Општина Карпош од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Сотир Лукровски, пак, истакна дека проектот за изградба на мегапаркот Лепенец е најголемата зелена иницијатива во историјата на Општината и со него се опфатени изградба на ботаничка градина, терен за голф, како и картинг патеки.

– Во средината е планирана ботаничка градина во која ќе засадиме автохтони тропски и медитерански дрвја каде ќе можат луѓето и да се релаксираат, меѓутоа да се користи и од едукативен карактер, односно со скенирање на „QR“ кодови ќе може секој да осознае нешто повеќе … Предвидени се и картинг патеки со европски стандарди, се надеваме дека ќе успееме да донесеме европско првенство во Карпош, терен за голф и уште многу други богати содржини, рече Лукровски.

Би можело да ве интересира

СДСМ: Скопски маратон срамно злоупотребен од Орце и ДПМНЕ

Ѓорѓиевски од „Ѓорче Петров“ најави капитални инфраструктурни проекти за подобрување на сообраќајот и квалитетот на живот

Катерина Ѓуровски

Ѓорѓиевски на средба со Ќулавкова: Нејзиното творештво е вистински печат во современата македонска книжевност

А1он

Ѓорѓиевски: Во Гази Баба ќе ја изградиме клучката во Хиподром, трета лента на булеварот „Александар Македонски” и уште многу други проекти

Катерина Ѓуровски

(ВИДЕО) Штерјова: Орце не може да го исчисти ниту „Расадник“, лаже дека ќе исчисти цело Скопје за 72 часа

Горан Наумовски

Ѓорѓиевски: Скопје е наш заеднички дом, град на кој му припаѓа секој од вас, без разлика на партија, вера или националност