Финскиот претседател Александар Стаб изјави дека САД повеќе немаат намера да го користат „морковот“ во дијалогот со Русија за Украина, туку се префрлиле на „стапот“, односно на зголемен притисок врз Москва.
„Гледајќи дека морковот ретко функционира со Русите, претседателот Трамп се префрли на стапот. Сега единственото прашање е колку голем ќе биде стапот“, рече Стаб во интервју за Политико и други медиуми во Хелсинки.
Финскиот претседател, кој изгради личен однос со американскиот лидер Доналд Трамп преку заеднички голф игри, верува дека критиките на Вашингтон кон Кремљ му даваат на Киев дополнителен оптимизам. Според него, Трамп и неговите соработници работат секој ден за да ја прекинат војната во Украина, а во својот арсенал, како што изјави, ги имаат „сите палки за голф“ – од построги санкции, до повисоки тарифи, до поактивна воена поддршка за Украина.
„Не мора да ја читате „Уметноста на договорот“ за да разберете како преговара претседателот Трамп. Тоа е неконвенционален пристап, но многу ориентиран кон резултати“, рече Стаб, истакнувајќи дека сите понатамошни руски напади врз цивили би предизвикале реакција од Вашингтон.
Нарекувајќи се себеси „реалистичен оптимист“, финскиот претседател ги повика поддржувачите на Украина да останат трпеливи. Тој го поддржа забрзаниот пристап на Киев кон Европската Унија, залагајќи се за механизми што би го заобиколиле евентуалното вето од страна на унгарскиот премиер Виктор Орбан.
„Членството на Украина во Европската Унија е од стратешко значење. Колку побрзо се случи тоа, толку подобро“, нагласи Стаб, додавајќи дека адвокатите во европските институции можат да најдат креативни решенија.
Тој, исто така, го поздрави планот на Европската Комисија да користи замрзнати руски средства во вредност од околу 170 милијарди евра за финансирање на кредити за Украина.
„Тоа е брилијантна идеја што ќе му помогне на Киев да се финансира сам“, рече Стаб.
Зборувајќи за Блискиот Исток, финскиот претседател рече дека ситуацијата во Газа е различна од војната во Украина, но истакна дека Израел, како и Русија, го крши меѓународното право.
„Дали Израел отишол предалеку, како Русија? Одговорот е да“, рече Александар Стаб.