Османи: Секоја продавница што ќе се отвори во Чаршија ќе биде субвенционирана, секој мајстор кој ќе обучи чирак, ќе има стипендија

Од:

Секоја продавница што ќе се отвори во чаршија ќе биде субвенционирана од Општината. Секој мајстор кој ќе обучи чирак, ќе има стипендија од Општината, најави меѓу другото, кандидатот за градоначалник на општина Чаир, Бујар Османи, на денешното претставување на неговата програма за претстојните локални избори.

– Прашањето на Чаршијата е многу важно. Јас сум рекол дека Чаир нема море, но, ја има Чаршијата. Што би посакал секој град да го има? На Чаршијата не ѝ треба многу. На Скопската чаршија ѝ треба само да ѝ се врати оригиналниот изглед на минатото. Луѓето во чаршија доаѓаат поради историскиот аспект. И ова ќе биде нашата задача. Само ќе го вратиме изгледот како што било. Да ги вратиме старите занаети, да ги субвенционираме занаетите. Секоја продавница што ќе се отвори во чаршија ќе биде субвенционирана од Општината. Секој мајстор кој ќе обучи чирак, ќе има стипендија од Општината, рече Османи.

Тој ги гледа овие избори повеќе од локални избори. Како еден крстопат, појасни тој, кадешто, како што вели, граѓаните на Чаир ќе одлучуваат дали ќе продолжат како досега во една општина во безредие, во хаос, во нелегални градби, загушена во тесни улици полни со автомобили поради недостаток на паркинг – места, прогласена за најнетранспарентна и најнечиста.

Или тие, како што рече, може да одберат друга понуда.

– Понуда што нуди долгорочна визија, меѓутоа и ургентен пристап во третирање на најкритичните точки, како што се нечистотијата, дивоградбите, безбедноста и недостатокот на паркинг – места. Оттука мојата програма е поделена на две траектории. Ургентната, што бара итно делување уште во првиот ден, затоа што сите анализи покажуваат дека за неколку години, доколку продолжи овој третман на зголемување на бројот на жители, на зголемување на бројот на возила, на Чаир му претстои дефинитивен колапс, нагласи Османи.

Тој се осврна и на долгорочната визија за Чаир – 2040, како што нагласи, подготвена од најеминентните архитекти во светот, водена од Мишел Ројкинд.

– Ја дефиниравме 2040, за да не ја врзам со мојот мандат. Со мандатот на политичката партија. Туку, тоа да биде еден социјален договор на самите граѓани, коишто ќе го дефинираат тоа како нивно очекување. Кои, независно кој ќе биде по мене во Чаир, ќе мора да продолжи по тој пат на дефинирање на долгорочната визија за Чаир, појасни Османи.

Најави повеќе приоритети и се осврна на очекувањата на луѓето во Чаир.

– Нашите приоритети се прво во мобилноста, бидејќи сметам дека тоа е основниот предуслов за останатите функции, 2.500 нови паркинг – места, ново комунално претпријатие за хигиена, нова политика за борба против корупција, вклучувајќи тоа што сметам дека никој не го направил досега, а тоа е живо пренесување на сите фази од постапките за јавни набавки, бидејќи мора да го повлечеме, односно да го тргнеме, имиџот дека сите политичари се корумпирани, бидејќи сметам дека така ќе ја вратиме довербата на граѓаните. Тоа го очекуваат граѓаните на Чаир, потенцираше Османи пред присутните.

На новинарско прашање за коментар на соопштение од ВМРО – ДПМНЕ, Османи одговори дека според него, со таа националистичка реторика се обидуваат да ја покријат, вели, неефикасноста на владеењето, што прави долгорочни штети.

Би можело да ве интересира

Манасиевски: Паниката на СДС во Струмица расте, тепачи и насилници на нивните листи се последниот обид за спас

Марковски: Безбедни и функционални мостови, а не град на препукувања и префрлање одговорност

За 45 советнички места во Скопје се борат 855 кандидати, само една жена меѓу 16 претенденти за градоначалник

Ѓорѓиевски: На Скопје му требаат темелни промени и јас сум спремен да дадам сè од себе

Или ВМРО-ДПМНЕ или коалицијата Филипче-Ахмети-Апасиев, според Мицкоски трета опција на изборите нема

Катерина Ѓуровски

Левица: ОБСЕ ја истражува цензурата врз партијата