Кандидатот за градоначалник на Општина Центар од Движењето ЗНАМ – Мирослав Лабудовиќ, се обрати пред полна сала на Конвенцијата на ЗНАМ. Со јасна визија и непоколеблива решителност за вистински промени, Лабудовиќ истакна:
„Не постои поголема чест од можноста да направиш нешто добро и корисно за заедницата во која си се родил и во која живееш.“
Кандидатурата на Лабудовиќ, како што истакна самиот, не е само политичка одлука, туку личен повик и завет кон Центар, местото каде што е роден, израснат и каде денес живее со своето семејство. Неговата визија е Центар повторно да стане достоинствен дом за сите, каде граѓаните ќе се чувствуваат безбедно, удобно и гордо што живеат во срцето на Скопје.
Лабудовиќ ја претстави својата визија преку јасни чекори и ветувања за темелна обнова на секое маало во Центар.
„Во Дебар Маало мора да го вратиме духот на маалскиот живот, каде што сите се заедно, едни до други. Во Буњаковец ќе ја зачуваме енергијата на секојдневието, но ќе внесеме ред и достоинство. Во Пролет ќе го поддржиме младешкиот дух и ќе создадеме нови простори за спорт, дружење и култура. Во Крњево ќе ја поврземе традицијата со иднината. Ќе модернизираме и реконструираме, но ќе го зачуваме она по што е препознатливо. Во Капиштец и Мал Ринг ќе воведеме ред во урбаното и повеќе зеленило во модерното“ посочи Лабудовиќ.
Мирослав Лабудовиќ се осврна и на катастрофалната состојба во Центар:
„Ја прифатив кандидатурата, затоа што навистина верувам дека сме подготвени да ги промениме нештата и да го вратиме духот на Центар, духот кој години наназад е сотрен. Во нашиот Центар владее хаос – урбанистички, сообраќаен, комунален, еколошки. Не смееме да дозволиме тоа да продолжи!“, децидно посочи тој.
Нагласувајќи ја важноста на граѓаните како столб на промените, Лабудовиќ најави отворена, транспарентна и достапна општина, која ќе биде партнер, а не бирократска пречка.
„Можеби промените започнуваат од еден човек, но за да се случат – потребни сте ми вие. Центарци ќе бидат мојот најважен тим, мојот главен играч!“, порача кандидатот за градоначалник на Центар од ЗНАМ.