За само 15 месеци од формирањето како политички субјект, Движењето ЗНАМ за Наша Македонија покажа дека е државотворна и сериозна политичка сила, а не привремен проект на политичката сцена. ЗНАМ влезе со концепт, визија и идеи кои се насочени кон еден главен приоритет – чесно, одговорно и трудољубиво управување со државата и општините. Ова го истакна лидерот на Движењето ЗНАМ – за наша Македонија, Максим Димитриевски, на вчерашната Конвенција во Македонската филхармонија, на која беа промовирани кандидатите за градоначалници и советници.
Димитриевски потенцираше дека ЗНАМ и тој лично никогаш нема да се откажат ниту од Куманово, ниту од Центар, ниту од кое било друго место во Македонија. Нашата борба е за Македонија како подобро и праведно место за живеење за сите граѓани.
„По овие локални избори, ЗНАМ ќе го води срцето на Скопје – општина Центар. Ќе имаме советници кои ќе играат клучна улога во сите 53 општини каде настапуваме со свои листи, но и во Градот Скопје. Затоа што ЗНАМ има најдобри кандидати – угледни луѓе кои ќе внесат нов квалитет и чесност во работењето на советите.“ – нагласи Димитриевски.
Пред преполната сала се обрати и кандидатот за градоначалник на Центар, Мирослав Лабудовиќ, кој јасно порача дека ја прифатил кандидатурата поради вербата дека ЗНАМ е подготвен да донесе промена.
„Доста е од хаосот во Центар. Урбанистички, сообраќаен, комунален и еколошки хаос – тоа е сликата што ја оставија оние што владееја. Време е за ново лице на Центар – почист, побезбеден, со светли улици, слободни тротоари, повеќе паркинзи, обновени детски катчиња и паркови. Центар што ќе биде шампион во транспарентност и пристапност“ – истакна Лабудовиќ.
На Конвенцијата говореше и носителот на советничката листа на ЗНАМ за Град Скопје, генерал Горанчо Котевски.
„Во политиката не сум влегол за кариера, туку од чувство на должност. Скопје денес е во катастрофална состојба поради лошо управување. Ние сме подготвени да ја преземеме одговорноста за поурбанизирано, поорганизирано и почисто Скопје. Затоа го прифатив овој предизвик – за да го вратиме достоинството на главниот град“ – порача Котевски.
Движењето ЗНАМ за првпат настапува на локални избори со самостојни листи за советници во 53 општини и во Градот Скопје.
Со заемна поддршка со ВМРО-ДПМНЕ, ЗНАМ влегува во трката за градоначалнички позиции во Куманово и во Центар.