Божиновска: Рударството мора да биде двигател на развојот – поддршка само за одговорни компании

Од:

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, оствари работна средба со претседателот на Македонската асоцијација за рударство (МАР), Диме Петроски. На средбата беше нагласена важноста од отворен дијалог и партнерство меѓу институциите и рударскиот сектор, со цел воспоставување доверба и создавање конструктивна атмосфера за идната соработка.

Претседателот Петроски посочи дека рударската професија последниве години е под силен јавен притисок и нагласи дека целта на Асоцијацијата е да покаже дека ова е чесна и одговорна професија.

„Нашата цел е да покажеме дека ова е чесна и одговорна професија, која отсекогаш била гордост на земјата. Денес, таа се извршува со почитување на законите и соработка со институциите.“ изјави Петроски. Тој додаде дека „заработката е важна, но уште поважни се угледот, добриот имиџ и јавната перцепција за рударството како дејност која рамноправно се грижи и за животната средина.“

Министерката Божиновска потенцираше дека Министерството е посветено да создаде подобри услови за работа во секторот, но и да ја гарантира заштитата на јавниот интерес и природните ресурси.

„Разбираме дека рударскиот сектор бара подобри услови за работа, но должни сме да обезбедиме фер правила, транспарентност и заштита на ресурсите. Ќе се работи на намалување на административните бариери и усогласување со европските стандарди.“

Во однос на идниот развој на секторот, Петроски истакна дека е важно рударството да се третира како двигател на економскиот развој и благосостојбата на граѓаните. Оваа земја ни дала многу и тоа мора да го користиме одговорно.

Министерката Божиновска нагласи дека поддршка ќе добиваат токму оние компании што инвестираат во еколошки прифатливи технологии и вложуваат во локалните заедници.

„ Нашата цел е да изградиме фер и транспарентна регулатива која ќе гарантира и економски развој и заштита на животната средина. Во новите законски решенија и стратегии за рударство и геологија, риоритет е воспоставување на најстроги еколошки стандарди при истражувањето, експлоатацијата и преработката на минералните суровини, јакнење на обврските за рекултивација, поддршка на локалните заедници и обезбедување поголема контрола и транспарентност во секторот. Важен е и развој на човечкиот капитал. Особено значајна е соработката со универзитетите и стручните училишта за да изградиме нови генерации квалификуван кадар за рударскиот сектор.“

На средбата беше нагласена и потребата од нови инвестиции и модернизација со воведување современи технологии за почисто и поефикасно производство. „Современиот начин на живот носи зголемена потреба од минерали и ресурси, што ја прави модернизацијата и одговорното рударство неопходни.“ додаде Петроски.

И двете страни се согласија дека вложувањето во локалните заедници и транспарентното работење се клучни за јакнење на довербата меѓу јавноста и рударските компании. Како следни чекори, беше договорено дефинирање заеднички активности и динамика на соработката, меѓу кои формирање тематски работни групи, организирање редовни состаноци и подготовка на меморандум за соработка.

Би можело да ве интересира

Унијата ќе се бори против инфлацијата преку рударството, првите заеми се за ископ на бакарот

Се одбележува Денот на македонските рудари: Додека во Македонија бројот на рудари се намалува, ЕУ ја стимулира рударската индустрија

Горан Наумовски

Левица: Измените на Закон за рударство се кроени во интерес на корпорациите

Горан Наумовски

Грозданов: Со строг надзор, рударството може повторно да биде столб на македонската економија

Македонското рударство ќе ги запазува ЕУ стандардите – со нови закони се нагласува и факторот геополитика за обезбедување ресурси

Започна трката во САД кој прв ќе отвори рудник за бакар – Македонија не може да се пофали со раст во рударската индустрија