Помина половина месец од почеток на учебната година, а учебници нема за илјадници ученици. Ова е најдобар доказ за целосната неспособност на министерката Весна Јаневска, рече на прес конференција пред Министерството за образование Јован Манасков од СДСМ.
– Иако, самата Јаневска тврдеше дека на 1 септември ќе има учебници за сите ученици, дека нема да има парталави учебници, дека тие ќе бидат заменети со нови, реалноста денеска е поразителна, учебници нема, а тие што ги има се искинати и неупотребливи. Со една работа се пофали Јаневска и излажа! Учебници нема! Признанието на Јаневска дека учебници нема, но дека допрва ќе се обезбедувале преку донации е скандалозно. За што е платена Весна Јаневска од граѓаните? За сликање или за обезбедување на основните услови за настава? Не може учениците и родителите да бидат жртви за оваа неспособност. Поради неспособноста да обезбеди основни услови во образованието, бараме оставка од министерката Весна Јаневска, вели Манасков.