Вишото јавно обвинителство во Нови Сад повторно поднесе обвинение против 13 лица за уривањето на настрешницата на Железничката станица во Нови Сад на 1 ноември минатата година, кога загинаа 16 лица, а едно лице беше тешко повредено.
Меѓу обвинетите е и поранешниот министер за градежништво Горан Весиќ. Обвинението ги товари за сторено тешко кривично дело против јавната безбедност.
Обвинението ги опфаќа тринаесет обвинети: Г.В. поранешен министер во Министерството за градежништво, транспорт и инфраструктура, Ј.Т. поранешен в.д. генерален директор на „Инфраструктура на српските железници“ а.д., А.Д. поранешен в.д. помошник министер во Министерството за градежништво, транспорт и инфраструктура, Н.Ш. поранешен генерален директор на „Инфраструктура на српските железници“ а.д., С.Н. одговорен проектант на градежната конструкција, М.Ј. главен проектант на идејното решение, Л.М.М. главен проектант на проектот за градежна дозвола, М. С. известувач на Републичката комисија за ревизија, Ј.С.М. лице одговорно за техничка контрола на проектот за градежна дозвола, З.С.М. и Д.Ј. лица одговорни за извршување на градежни работи, М.Г. и Д.Т. лица одговорни за стручен надзор над извршувањето на работите.
Тие се обвинети за кривични дела што овозможиле користење на јавен објект – станичната зграда на Железничката станица Нови Сад, Крило Б, иако биле во тек градежни работи и за кои не била издадена дозвола за употреба, за кривично дело поврзано со претходно неодржување на структурата на станичката зграда, за кривични дела во фазата на проектирање и изведување на реновирањето на станичната зграда на Железничката станица Нови Сад.
Обвинителството му предложи на судот да определи притвор за сите обвинети поради континуираните големи јавни немири што можат да го загрозат непреченото и правично водење на кривичната постапка, додека во однос на поединечни обвинети, беше предложен и притвор поради ризикот дека ќе го повторат кривичното дело.
„Заради заштита на интересите на сите оштетени страни, во Обвинението се предлага судот да им досуди имотни побарувања на овластените лица. Се предлага на сите обвинети да им се изрече мерка на безбедност забрана за вршење професии, дејности и должности, како и сите обвинети да бидат обврзани целосно да ги надоместат трошоците на кривичната постапка“, се вели во соопштението.
Обвинителството нагласува дека наводите во обвинителниот акт се целосно поткрепени со собраните докази што потврдуваат основано сомнение дека обвинетите ги сториле кривичните дела за кои се товарат.