„Ќе создадеме заедничка воена единица со вооружените сили на Република Албанија“, изјави вчера Албин Курти на седницата на Главниот одбор на Самоопределување, одржана во Приштина.
Премиерот во технички мандат и лидер на оваа партија презентираше обемен план за зајакнување на косовската армија и меѓународните партнерства, додека Косово е во длабока политичко-уставна криза веќе деветти месец – ниту собранието ниту владата не се формирани од парламентарните избори на 9 февруари, објавува КоСсев.
„За нашата армија во четирите години од следниот мандат ќе издвоиме буџет од над една милијарда евра“, рече Курти.
Тој, исто така, најави спроведување на програмата „сеопфатна одбрана“:
„Во рамките на оваа програма, секој резервист волонтер ќе има соодветна обука и оружје во случај на мобилизација“.
„Ќе продолжиме да ги зајакнуваме стратешките односи со САД, Обединетото Кралство, Германија, Франција, Италија, Турција и сите земји-членки на Европската Унија и НАТО“ – рече Курти.
Еден ден подоцна, одговори вршителот на должноста директор на Канцеларијата за Косово и Метохија, Петар Петковиќ.
„Воениот сојуз на таканаречените Косовски безбедносни сили и Вооружените сили на Албанија, чие формирање го најавува Албин Курти, е директна закана за Србија и српскиот народ, што е оска на политиката на приштинскиот режим, кој со секој потег и нов чекор кон формирање на таканаречената Голема Албанија е насочен кон Белград“, рече Петковиќ.
Тој додаде дека „овие вооружени формации и тропањето со оружје од страна на Приштина се случуваат пред очите на целата меѓународна заедница, која не одговори на ниту еден воен сојуз што Приштина го формираше со Хрватска и Албанија, членки на НАТО, со цел дестабилизација на ситуацијата на терен и создавање ново буре барут од регионот на Западен Балкан“.
Петковиќ ги критикуваше потезите на Курти како обид за ескалација на конфликтот:
„Очигледно, на Курти сè му е дозволено, дури и во времето на најголемите предизвици во светот, кога треба да се зачува мирот, Приштина се заканува со конфликти со создавање сојузи кои не одат во насока на смирување на тензиите, туку на ескалација на ситуацијата на терен“.