Искусен сурфер (57) загина во ужасен напад од ајкула на северните плажи во Сиднеј. Човекот отишол на сурфање со група пријатели на плажата Лонг Риф околу 10 часот наутро во саботата.
По само половина час во вода, на околу 100 метри од брегот, ајкула го нападнала. Тој и неговата даска исчезнале под површината и тој претрпел „катастрофални повреди“, вклучително и губење на повеќе екстремитети, изјавил полицискиот инспектор на Нов Јужен Велс, Стјуарт Томсон.
Неговите пријатели успеале да се вратат на брегот, а кратко потоа неговото тело било пронајдено како плови во брановите, пишува австралискиот весник 7News.
– Обидите да му се спаси животот не успеале – додаде Томсон.
Починатиот сурфер бил искусен спортист, а зад себе оставил сопруга и мала ќерка.
– Утре е Ден на татковците, што ја прави оваа трагедија уште поболна. Нашите мисли се со неговото семејство“, рече Томсон.
Даската за сурфање на жртвата била преполовена и парчињата ќе бидат анализирани за да се утврди каков вид ајкула е одговорна за нападот. Голем број сведоци, вклучувајќи пријатели на жртвата и други сурфери во близина, го виделе нападот и потврдиле дека станува збор за ајкула.
Одделот за истраги на Нов Јужен Велс го истражува инцидентот.
– Тоа е ужасна работа и еден од оние ретки, несреќни случаи – рече Томсон.