Плоштадот „Димитар Беровски“ во Берово од 28 до 30 август ќе биде домаќин на „Етно Плоштад Фестивал 2025“, кој и годинава ќе понуди тридневна програма исполнета со музика, традиција и забава.
Фестивалот ќе започне утре со свечено отворање и Саем на традиционални производи „Малешевијата на дланка“.
-Во рамки на вечерната програма ќе настапат културно-уметнички друштва од Берово и Македонија, Игор Димовски, групата „Пауза за ракија“, како и диџеи. На 29 август е предвиден детскиот музички фестивал „Малешевско ѕвонче“, по што ќе следуваат настапи на Андријана Петрушовска и српската музичка група „Амадеус бенд“. Фестивалските активности ќе завршат на 30 август со концерт на македонскиот поп пејач Мики Секуловски и настап на српската фолк ѕвезда Харис Џиновиќ, по што ќе следува диџеј програма, информираат од Општина Берово.
Организаторите најавуваат и други културно-уметнички содржини во рамки на настанот.
-Предвидени се танцови изведби и изложби, а плоштадот ќе биде исполнет и со штандови со традиционални производи. Посетителите ќе имаат можност да дегустираат малешевски специјалитети, како и да купат рачни изработки и домашни производи од локални производители, посочија од општината.
Градоначалникот Звонко Пекевски истакна дека Берово секоја година потврдува дека е место на гостопримство, вкусна храна и автентична музика, а фестивалот претставува средба на култури и генерации.
Со ваквата програма, подвлече Пекевски, Берово и ова лето ќе биде центар на културните случувања во Источна Македонија.