Британците со пакистанско потекло Ифтикар Ахмед и неговата сопруга Фарзана се осудени на доживотен затвор од Судот во Честер, северна Англија, поради убиство на нивната 17-годишна ќерка Шафила.
Убиството се случило во септември 2003 година кога родителите ја задушиле својата ќерка ставајќи и пластична кеса во устата, а потоа прогласиле дека е исчезната, молејќи ја полицијата и јавноста да помогнат околу расветлувањето на судбината на нивното дете.
Во текот на неколкунеделното судење беше обелоденето дека родителите ја убиле ќерката за да ја „одбранат честа“ на семејството, обвинувајки ја дека живеела „премногу на западен начин“ и дека го „осрамотила доброто име“ на родителите во пакистанската заедница во Велика Британија.
„Убиствата поради честа“ или суровите казнувања на „отпадниците“ од традицијата и начинот на живот за кои тие велат дека е во согласност со Исламот, се честа појава меѓу британските муслимани. Тие настојуваат нивните деца да го продолжат традиционалниот начин на живот и во новата средина во која сега живеат, спротивставувајќи се на примањето на западниот стил.
Несреќната Шафила Ахмед била убиена пред очите на нејзините сестри и братот кои морале да ја гледаат егзекуцијата, како предупредување и тие да не се „одметнат“. Една од сестрите на судењето беше главниот сведок на обвинителството.
Главната причина за „нарушените углед и чест“ на семејството, сепак, не било тоа што убиената девојка се облекувала по западната мода, а не во традиционалните пакистански носии, туку тоа што таа одбила да ја омажат со „договорена свадба“. Во летото 2003 година девојката со своите родители биле во Пакистан за да ја договорат венчавката, што обично се прави со возрасен маж, но обидот пропаднал бидејќи девојката испила белило за платно и тешко го оштетила своето грло. Веднаш по враќањето, родителите ја известиле полицијата дека нивната ќерка исчезнала.
Мртвото тело на младата Шафила Ахмед е најдено неколку месеци подоцна, на поцетокот на 2004 година, во една река.
Двајцата родители ќе мора да поминат во затвор најмалку по 25 години, пред да може да побараат да бидат ослободени.