Врховниот суд одлучувајќи по поднесена ревизија од мајката Невена Спасеска, ја поништи пресудата од Охрид и Битола, со која старателството на четиригодишното дете го дадоа на таткото од Охрид, а мајката целосно беше исклучена.
„Ревизиите на тужената се усвојуваат , Пресудата на Апелациониот суд од 20 февруари 2025 година и на охридскиот суд од ноември 2024 година се укинуваат, а предметот се враќа на повторно судење„, пишува во одлуката на Врховниот суд.
Како што беше пишувано изминативе месеци, и судот потврди дека „пресудите од Охрид и Битола се нејасни и неразбирливи, не содржат доволно образложени причини за решителните факти од кои се раководеле судовите при одлучувањето, а дадените причини не произлегуваат од изведените докази па истите не можат во целост да бидат испитани“.
Врховниот суд смета дека двата суда во Охрид и Битола, за разлика од описите за блискоста на детето со таткото, односно дека треба детето да живее со таткото зошто е богат, дека е машко и дека живее во мало место, не дале информации дали и мајката била повикана во Центарот за социјална работа во Охрид, каде всушност и не беше никогаш повикана.
Извештајот на Центарот за социјална работа во Охрид се смета дека не е сеопфатен и дека не се наведени битните околности по однос на родителските капацитети на мајката ниту врз основа на што е дадено мислењето да се даде старателството на таткото.
Судот му замерува на Центарот за социјална работа во Охрид дека се посветил само на таткото на детето, а ја игнорирал мајката и нејзините родителски капацитети. Како што пишувавме претходно, директорот на Центарот во Охрид и беше разрешен поради неговата улога во овој предмет и му беше поднесена кривична пријава од Министерството за труд и социјална работа.
„ Во конкретниот случај стручниот тим при ЦСР О. мислењето го дал само со анализа на условите кај таткото и неговите родителски капацитети, без притоа да се ценат условите кај мајката и нејзините родителски капацитети како и возраста на детето и неговата потреба од мајка на таа возраст, прилагодувањето во средината во која досега живее односно треба да бидат согледани целокупните услови за растење и грижа за малолетното дете“, се наведува во одлуката на Врховниот суд.
„При утврдување на „најдобри интереси“ битно е да се цени дали детето се прилагодило на средината каде живее во С. и како промената на средината би влијаела на детето со оглед дека се работи за дете од четири години“, се наведува во одлуката.
Врховен утврди и дека основани се ревизиските наводи за погрешна примена на материјалното право бидејќи судовите не ја зеле во предвид одредбата од член 265 став 3 од Законот за социјална заштита.
„Имено согласно оваа одредба е предвидено дека за дете чии родители не живеат заедно, а постапката за доверување на детето на чување и воспитување кај еден од родителите не е спроведена, надлежен е центарот на подрачјето на кое детето се нашло во положба од социјален ризик. Дотолку повеќе што од известувањето од 31.10.2024 година утврдено е дека е надлежен Центарот за социјална работа во Скопје и упатува да се прави разлика помеѓу судска и управна постапка“, се вели во одлуката на Врховниот суд.