Бидејќи предупредувањата за нов голем конфликт што се заканува на европско тло се интензивираа, најголемото европско пристаниште, Ротердам, започна сериозни подготовки за кризен сценарио.
Властите во холандското пристаниште, клучен центар за европска трговија и снабдување, објавија дека развиваат логистички и безбедносни планови за воен конфликт со Русија, вклучувајќи простор за воени бродови, редовни воени вежби и можност за пренасочување на комерцијалниот сообраќај.
Информацијата првпат ја објави „Фајненшл тајмс“, повикувајќи се на изјава на Будвејн Симонс, извршен директор на Управата на пристаништето во Ротердам, кој откри дека повиците од врвните раководители на НАТО веќе почнале да го менуваат секојдневното работење на едно од најважните пристаништа во светот, објавува tportal.
Според Симонс, Ротердам веќе тесно соработува со пристаништето во Антверпен и редовно комуницира со седиштето на НАТО и холандското Министерство за одбрана. На барање на алијансата, пристаништето ќе прима воени бродови со воени залихи четири до пет пати годишно, а тие ќе остануваат таму по неколку недели.
Интересно е што и покрај својата големина и важност, Ротердам никогаш немал посебен воен терминал, ниту за време на Студената војна, ниту за време на Заливската војна во 2003 година, кога воениот сообраќај исто така значително се зголеми. Денес, контејнерскиот терминал е единствениот дел од пристаништето каде што е можно безбедно пренесување на муниција.
Дополнително, најавено е дека ќе се одржуваат годишни амфибиски воени вежби во самото пристаниште, што ја потврдува неговата стратешка важност за европската безбедност.
Овие мерки не се изолирани случаи, туку дел од поширока слика – Европа брзо се подготвува за можни воени сценарија. Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, јавно предупреди дека постои реална закана Русија да нападне една од членките на алијансата до 2030 година.
Паралелно со воените планови, Европската Унија работи на масовен план за вооружување, вреден до 800 милијарди евра. Целта е јасна: да се зајакнат одбранбените капацитети и да се намали зависноста од САД.
Во таков контекст, пристаништата како Ротердам стануваат клучни не само за одбраната, туку и за стратешката логистика на целиот континент.
Затоа Симонс ја повикува ЕУ да воспостави заеднички резерви на клучни суровини, не само нафта, туку и бакар, литиум и графит, кои се клучни за одбранбената индустрија и енергетската транзиција. Тој, исто така, предлага складирање лекови, храна и вода во близина на големите логистички центри како Ротердам.
Дел од холандските стратешки резерви на нафта веќе се складираат во пристаништето, што дава дополнителна тежина на предлогот за развој на европски центри за складирање во итни случаи таму.
Европската комисија треба да претстави нова стратегија за резерви оваа недела, која вклучува не само енергија и лекови, туку и медицински материјали, суровини и клучна опрема, за да ѝ се овозможи на ЕУ да дејствува независно во случај на долготрајна криза.