Канаѓанецот Паскал Миш има невообичаено „лозје“ на кое наместо грозје одгледува неколку сорти домати од кои произведува вино.
Миш, кој е поранешен месар, тврди дека „винските“ домати почнал да ги одгледува пред седум години, нагласуваќи дека им посветува внимание исто како што лозарите му посветуваат внимание на своето грозје.
Виното од домати што тој го поизведува го нарекол „Омерто“ во чест на неговиот прадедо Омер, кој по потекло е од Белгија.
Виното, за чие производство од садењето на доматите, па до полнењето на шишињата, се потребни девет месеци, има златна боја, содржи 18 проценти алкохол и воопшто нема вкус на домат. Цената на ваквото доматно вино изнесува 25 долари за шише.
Ова вино засега се продава само во Канада, но Миш се надева дека наскоро тоа ќе се најде и на пазарите во САД и Европа.