Бишев: Дополнителното задолжување не би ја поткопало фискалната стабилност и одржливост на јавниот долг

Од:

Фискалниот совет користејќи го моделот за јавен долг на ОЕЦД направи анализа за можни сценарија од дополнителни задолжувања за јавни инвестиции. Притоа, со веројатност од 90 проценти утврди дека дополнителното задолжување не би ја поткопало фискалната стабилност и одржливост на јавниот долг. Ова денеска го истакна дека Глигор Бишев, претседател на Фискалниот совет на презентацијата на резултатите од истражувањето „Влијанието на фискалните политики врз економскиот раст на Косово, Албанија и Северна Македонија“ на академик Абдулменаф Беџети и колеги од Универзитетот на Југоисточна Европа.

-Според првото сценарио, на крајот од 2029 година вкупниот јавен долг би достигнал 64,7 отсто, а според второто сценарио, во 2031 година би изнесувал 63 отсто од БДП. Притоа, клучно е дефицитот врз основа на тековните приходи и расходи во тој период да конвергира кон нула. Носителите на фискалната политика ќе мора на тековна основа да ја следат усогласеноста на буџетските приходи и расходи за да не дојде до надминување на буџетскиот дефицит онака како што е дефиниран со ревидираниот Буџет во висина од 4 отсто од БДП, рече Бишев.

Потенцира дека забрзувањето на економскиот раст во Северна Македонија не доведе до значително зголемување на јавните приходи во однос на БДП, особено не врз основа на ДДВ кој е клучен фискален приход во даночниот систем на Република Северна Македонија.

-Гледано од тој аспект, до крајот на годината клучна ќе биде реализацијата на буџетските приходи за да може буџетскиот дефицит да се одржи во проектираните рамки, нагласи Бишев.

Членот на Фискалниот совет проф. д-р. Марина Трпеска истакна дека со Фискалната стратегија за периодот 2026-2030 година се предвидува постепена, но трајна консолидација на јавните финансии при што од 2027 година буџетските дефицити би се свеле на 3 отсто од БДП, а јавниот долг би се свел под 60 отсто од БДП од 2028 година.

-Ваквата динамика на консолидација би ја задржала здравоста на јавните финансии без поткопување на економскиот раст и зголемувањето на животниот стандард, рече таа.

-Статистичките резултати укажуваат дека бруто долгот има позитивен ефект врз економскиот раст на Косово, Албанија и Северна Македонија за периодот 2000-2023, но не на сите прагови. Ако бруто долгот се користи за инвестиции во развојни проекти, во инфраструктурата и политики насочени кон економско закрепнување, може да го стимулира економскиот раст. Истражувањето покажува дека зголемувањето на приходите, бруто долгот и јавните расходи позитивно влијаат врз бруто-домашниот производ на овие земји, истакна заменик-претседателот на Фискалниот совет и ректор на Универзитетот на Југоисточна Европа, академикот Абдулменаф Беџети презентирајќи ги наодите од истажувањето.

Беџети посочи дека соработката со научно-истражувачките институции е клучен фактор за подобрување на квалитетот на анализите на Фискалниот совет и на тој план Фискалниот совет склучил 11 меморандуми за соработка.

Од Фискалниот совет како клучни фактори за обезбедување на фискалната стабилност ги потенцираа: контролата, отчетноста и транспарентноста.

-Препораки што ги даваме во однос на фискалната стратегија и генерално во јавниот сектор: зголемување на транспарентноста и напредување за известување во јавниот сектор, институционализирање на Cost benefit анализата за сите поголеми капитални инвестиции, односно да не се дозволува капитална инвестиција да се одобрува без претходно таа да биде издржана, подобрување на финансиската позиција на локалната самоуправа на јавни претпријатија, да се засилат капацитетите на локалните самоуправи и на јавните претпријатија и да се ограничи нивната можност за задолжување…, рече Трпеска.

Таа информира дека од јуни 2025 година, Фискалниот совет лансираше блог каде експертската и академската заедница можат да ги искажат своите мислења поврзани со Фискалната политика, јавните финансии, даночната политика и останати теми коишто се во делокругот на работа на Фискалниот совет. Исто така, за поширока информираност на јавноста Фискалниот совет почна со презентација на кратки информации на социјалната мрежа Linkedin. Целта, како што рече, е преку транспарентен и отворен дијалог да се поттикне јавната расправа и да се зајакне информираноста за клучните фискални прашања.

Би можело да ве интересира

Левица: Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, ЗНАМ, ВРЕДИ и ДУИ ја задолжија Македонија за шест милијарди евра

Бишев: Да се редуцираат буџетските дотации за пензии и да се сведат под 30 отсто

Стојаноски: Власта до крај на годината ќе се задолжи за нови 500 милиони евра, долгот ќе достигне 8.5 милијарди

ВМРО-ДПМНЕ: Јавниот долг за три месеци порасна за 213 милиони евра и достигна 64,4% од БДП

Катерина Ѓуровски

ВМРО-ДПМНЕ: За време на власта на Заев долгот порасна за 2,4 милијарди евра

Во Собранието се одлучува за кредитот од 90 милиони евра за справување со епидемијата

Жарко Настоски