Италијанскиот оперски тенор Андреа Бочели и тенисерот број еден во светот – Јаник Синер го објавија својот прв дует насловен „Polvere e Gloria“ („Прашина и слава“).
Бочели и Синер споделија промоција на песната на Инстаграм, со снимки од детството на пејачот и тенисерот, како и понови снимки, на кои се гледа како Синер држи рекет и тениско топче пред пијано во домот на Бочели во Тоскана.
Песната, која е на италијански и англиски јазик, ги содржи и мотивациските говори на Синер, во кои тој и кажува на публиката да „бидат тоа што се“.
„Секој живот е потенцијално уметничко дело – секој од нас ја носи слатката одговорност да ги негува своите таленти во секојдневните акробации на животот, следејќи ги своите соништа, а воедно останувајќи цврсто верни на своите вредности“, рекоа Бочели и Синер во заедничка објава на Инстаграм.
Тие нагласија дека овој дует произлегол од нивната „заедничка и непоколеблива“ желба ништо да не биде невозможно.
Тројниот шампион на Гренд слем турнирите нагласи дека е почестен што е дел од проектот со Бочели, за кого рече дека има „уникатен и извонреден глас“ и ја претставува Италија во светот, пренесува Ројтерс.
„Никогаш не можев да замислам дека ќе го слушнам својот глас во една од неговите песни. Тоа е исклучително трогателно“, додаде 23-годишниот ас.