Во голема операција во Ница, француската полиција заплени 50 килограми кокаин, чија вредност се проценува на три милиони евра, и уапси две лица, според француските медиуми.
Дрогата е откриена кон крајот на мај за време на претрес на стан во близина на центарот на Ница, изјави обвинителот Дамиен Мартинели, објави Фигаро.
Полициските службеници пронајдоа пет торби со вкупно 50 килограми дрога на лице место. Уапсени се две лица пронајдени во станот, маж од Ница кој е неколку пати осудуван за прекршоци поврзани со дрога, како и жена која има полициско досие за помали прекршоци.
Двајцата ќе бидат изведени пред суд под обвинение за набавка, транспорт и поседување наркотици.
Во операцијата беше запленето и возило „Ауди Q3“. Според „Фигаро“, најновата полициска операција доаѓа во услови на зголемени тензии поврзани со трговијата со дрога во регионот на Ница.
Во средината на мај, специјална единица од Париз уапси пет лица на пункт за трговија со дрога за време на операција.