Семејствата треба да имаат доволно готовина за да издржат најмалку три дена во случај на вонредна состојба, предупреди холандската централна банка, пренесува Politico.
На граѓаните им се препорачува 70 евра за возрасен и 30 евра за дете во готовина на безбедно место во случај да престанат да функционираат електронските платежни системи. Како една од причините за ваквиот совет, банката ја наведе заканата од сајбер напади, која се зголемува со оглед на сè понапнатата геополитичка ситуација.
Во април, прекинот на струја во Шпанија и Португалија предизвика сериозни, но краткотрајни проблеми со платните системи. Износот на готовина што луѓето треба да го имаат дома, според препораката на банката, треба да биде доволна за покривање на „минималните основни трошоци за три дена, како што се вода, храна, лекови и превоз“.
Холандската централна банка исто така има препораки за трговците: тие треба да имаат подготвени алтернативни начини на плаќање, како што е скенирање на QR-кодови, во случај да откажат касите и системите за картички.
Во март, Европската комисија објави план за подготвеност во кој им препорачува на граѓаните да имаат храна во вредност од најмалку три дена дома за да се осигураат дека можат да ги задоволат основните потреби во случај на војна или природна катастрофа.