Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на денешната прес-конференција изрази сериозна загриженост за недостатокот на транспарентност и информации поврзани со содржината на договорите за нов кредит од 6 милијарди евра кој го зема Владата. Тој посочи дека, според изјавите на премиерот и вицепремиерот, станува збор за два договори: „еден во делот на стратешка соработка, и еден договор на заем“ со Обединетото Кралство.
Филипче потенцираше дека целата постапка се одвива без доволна информираност на јавноста и институциите: „Сметам дека јавноста, за жал, а ниту политичките субјекти, дали во парламентот или генерално во земјата, за ваков сериозен договор за заем, немаат доволно детали“.
Тој додаде дека Владата е должна веднаш да излезе со повеќе информации, бидејќи, како што рече, „ваква рамка за олкава сума на пари досега нашата земја не потпишала со ниту една институција, со ниту една влада“.
Истакна дека е особено важно да се знаат сите параметри, бидејќи се работи за „огромни суми на пари, камати кои што не знаеме колкави се, а кои ќе ги враќаат следните генерации“.
Во однос на првиот договор, за стратешка соработка, Филипче ја истакна поддршката од СДСМ.
„Апсолутно го поддржуваме“, рече тој, објаснувајќи дека и претходната влада потпишала ваков договор со Обединетото Кралство.
„Сметам дека тоа е земја, наш сериозен партнер во изминатите години, децении, секогаш, и во кризи кога сме биле, а и генерално во сите процеси за напредок на земјата, Велика Британија давала поддршка и тој чин, тој гест е за поздравување“.
Околу вториот договор Филипче изрази сериозни сомнежи и постави серија клучни прашања.
Според Филипче, износот од 6 милијарди евра е алармантен: „Огромна сума на пари, 6 милијарди евра, го надмина дури и нашиот буџет“. Тој истакна дека прво мора да се утврди потеклото на средствата: „Кое е потеклото на парите? Дали парите се британски и директно од британската влада или станува збор за фонд којшто е лоциран во Велика Британија, а располага со пари од некоја друга земја?“ – праша Филипче.
Филипче рече дека е неприфатливо прво да се соопштува дека има договор а да не се знаат условите. „Дали знаеме колкава е каматата? Дали Владата знае, дали точно знае за што се преговара во овој период? Дали е направена споредба со некој друг извор на пари? Дали е направена споредба со Светска банка, со некои други комерцијални и инвестициски банки итн.?“ – праша Филипче.
Филипче потсети на заемот од Унгарија, за кој, како што рече, биле понудени полоши услови од оние на Светска банка: „Ние докажавме и покажавме документи кога Владата зема ист таков влада со влада заемот од Унгарија, дека во тој момент кредитот, односно заемот кој што можевме да го земеме за развој на општините од Светска Банка, беше далеку поповолен од таа камата што ја даде Унгарија – 3,25 проценти, дополнително одредени провизии за банките коишто ги делат кредитите“.
Тој остро реагираше и на начинот на кој повторно се прави договор од типот влада со влада: „Зошто повторно влада со влада заем? Повторно преседан. Никогаш во историјата на нашата земја не зајмила на тој начин пари“. Прашањето, според него, е и колку ќе има транспарентност во трошењето на овие средства: „Очигледно е помала кога станува збор за заем, а ќе се спореди со заем којшто се зема со некоја меѓународна финансиска институција, на примерот Светска банка, Европска инвестициска банка итн“.
Како пример за целосен недостаток на информации, го наведе случајот со унгарскиот заем: „Ние, на пример, за парите кои што стигнаа од Унгарите немавме и јавноста, ама апсолутно никакви информации. Транспарентноста е еднаква на 0“. Тој додаде: „Кои компании ги земаат, на кој начин, по кои критериуми? По кои критериуми ги добиваат општините тие пари?“
На крајот, Филипче оцени дека Владата мора итно да одговори на сите овие прашања, бидејќи се работи за клучна одлука со огромни импликации: „Сметам дека се ова отворени прашања на коишто Владата апсолутно треба да одговори пред вакви договори да се потпишуваат“.