Македонија преку железницата, преку Министерството за транспорт и врски и официјално-дипломатски преку Министерството за надворешни работи понуди помош за побрзо расчистување на теренот и санирање на пругата кај месноста Поликастро во Грција за побрзо нормализирање на меѓународниот железнички превоз меѓу двете земји, што е во прекин неколку дена.
Ова го истакна портпаролот на Владата на Република Македонија Александар Ѓорѓиев во одговор на прашање на денешната прес-конференција.
„До овој момент немаме добиено повратен одговор. Известени сме дека грчките институции во брз период ќе ја надминат оваа состојба. Се надеваме дека тоа и ќе се случи“, рече Ѓорѓиев.
Според нашите информации, додаде, пред седум-осум дена на железничката линија се има случено инцидент со превртување на неколку вагони од композиција која се движела на истата таа железничка рута.
„На потегот пред Солун се имаат превртено неколку вагони од вагонска композиција. Од грчка страна е кажано дека се преземемаат сите мерки и активности за да се надмине оваа состојба. Ние сме во комуникација со Грција и имаме понудено помош за отстранување на проблемот со железницата. До овој момент немаме добиено официјален одговор дали е потребна нашата помош. Добивме само известување дека во следниот период оваа опасност по железничкиот сообраќај ќе биде отклонета со што повторно би се нормализирал сообраќајот помеѓу две земји“, појасни Ѓорѓиев.