СДСМ е консеквентен во своите ставови. И последниот став што е соопштен од мое име е апсолутно став кој е консеквентен на претходните. Ние нема да дозволиме промена на нашето име, што ќе задира во нашиот идентитет, нашиот јазик, нашата национална посебност. Така што, споменувајки, Горна или Северна Македонија, тоа значи дека нема да дозволам јас да сум Горномакедонец или Северномакедонец. Имиња пред Република Македонија, или какви било други формулации се за разгледување, но без при тоа да се чепне Уставот на државата, мојот национален јазик, мојата национална посебност, мојата култура како Македонец, изјави денеска во Струга, лидерот на СДСМ, Зоран Заев.
Заев денеска во Струга изјави дека заедно со општинската организација, разговарале за програмата на СДСМ, она што претставува понуда, и можело да се види дека СДСМ својот примат на идни активности го темели на својата политичка понуда кон граѓаните.
– Ги понудивме нашите мерки, вчера ги презентиравме и мерките во делот на демократијата, каде што ветуваме пред граѓаните транспарентно однесување, начините на донесување на Буџетот и нивната реализација со комплетна очетност, подобрување на ефикасноста на Парламентот каде што по пат на дебати граѓаните ќе ја осознаат суштината на секој закон кој што доаѓа. Престанување со овие казни и репресии врз малото и средно стопанство, каде што една од мерките ќе биде опомената, наместо затворањето на дуќаните и секако преполовување на идните казни кои би се испорачале по одредени сугестии од страна на инспекциските служби, како и отчетноста во делот на присуството на секој функционер во иднина од страна на СДСМ на јавниот дифузер, МТВ, каде што минимум еднаш месечно ќе може да ги презентира своите мерки. Еве јас практикувам власт во Македонија, сум градоначалник на една од нашите општини, на 99 емисии, 99 месеци досега сум гостин, каде што давам отчет. Оваа пракса ќе биде воведена во СДСМ – нагласи лидерот на СДСМ.
За Заев, најзначајно во Струга било како претседател на СДСМ, да го долови моментот од мултиетничка Струга.
– Што е важно за карактеристиките на идниот претседателски кандидат? СДСМ повеќе од месец интензивно е посветен на изнаоѓање на вистинска личност за кандидат за претседател на државата. Правиме анкети, правиме истражувања, но ниту јас од Струмица, ниту ние во централата, подобро знаеме, што е мулти-димензионалниот карактер на важноста на граѓаните од сите етнички заедници, во профилирањето на идниот кандидат за претседател на државата и дај Боже претседател на сите граѓани на Македонија. Многу сум среќен што моите сопартијци овде во Струга, ми дефинираа дека натпартискиот кандидат значи дефинитивно гледање во нашите партиски структури, но секако силно внимание и надвор од нашите партиски структури. Личности кои се прифатливи за сите граѓани, како Македонци, така Албанци, муслимани, православни, дали се Турци, Роми, Власи, човек кој ќе биде прифатен како иден претседател на сите граѓани во државава – потенцираше лидерот на СДСМ.
Таквиот кандидат, вели Заев за кој СДСМ се залага, е да биде пронајден од нивните партиски структури и поддржан секако во неговата кандидатура, дефинитивно во целост ќе ја исполни функцијата претседател на државата.
– Сум среќен дека она што претставуваше перцепција кај нас во СДСМ, и во опозициониот блок, дефинитивно овде, членството на СДСМ, во мултиетничка Струга ни го потврди, колку тоа е важно, претседателот на државата да биде личност, која ќе гарантира извршување на претседателската функција, исполнувајки ги сите очекувања на сите граѓани, без разлика на етничка, верска, или каква било припадност – вели привот социјалдемократ.