Доларот на најниско ниво во последните три години

Од:

На девизните пазари, вредноста на доларот во однос на кошницата валути минатата недела падна на најниско ниво во последните три години, како резултат на ескалацијата на тарифната војна меѓу САД и Кина и повлекувањето на инвеститорите од американските државни обврзници.

Индексот на доларот, кој ја мери вредноста на американскиот долар во однос на шесте главни светски валути, падна за 3 отсто минатата недела на 99,78 поени, што е најниско ниво во последните три години.

Курсот на еврото скокна за 3,6 отсто на 1,1355 долари, што е највисоко ниво од февруари 2022 година.

Американската валута ослабе и во однос на јапонската за 2,3 отсто, па нејзината цена падна на 143,50 јени.

Остриот пад на курсот на доларот втора недела по ред е резултат на неизвесноста околу царините кои американскиот претседател Доналд Трамп ги најавува, одложува, а потоа и ги зголемува на увозот од Кина.

Минатата среда Трамп неочекувано ги одложи дополнителните, реципрочни царини за сите земји освен Кина за 90 дена, но ги остави на сила основните царини од 10 отсто за речиси сите увозни производи. По одлуката на Трамп, многу земји сигнализираа дека се подготвени да преговараат. Меѓу другите, Европската унија, која исто така ги одложи своите контрамерки на царините на Трамп.

Но, тарифната војна меѓу Вашингтон и Пекинг продолжува бидејќи Трамп ја зголеми вкупната царина за увоз на кинески стоки на 145 проценти. Кина, пак, ги зголеми царините за увоз на американски стоки на вкупно 125 отсто.

Оваа ескалација на царинската војна меѓу двете најголеми светски економии може да предизвика прекини во синџирите на снабдување и меѓународната трговија, зголемување на инфлацијата и забавување на растот на глобалната економија, па дури и рецесија.

Доларот е вообичаено познат како една од сигурните валути во неизвесни времиња, но бидејќи на американската економија и се заканува забавување на растот, па дури и рецесија, доларот се најде под притисок, додека јапонските и швајцарските валути, кои исто така се сметаат за побезбедно засолниште за капиталот во неизвесни времиња, значително зајакнаа. Курсот на швајцарскиот франк во однос на доларот го достигна највисокото ниво во повеќе од 10 години.

Доларот е под притисок и поради зголемената продажба на американските државни обврзници, што ги зголеми приносите на 10-годишните обврзници на околу 4,5 отсто. Ова претставува неделен пораст на приносот од 40 базични поени, што не е забележано од 2001 година.

Падот на доларот, заедно со падот на Волстрит и американските државни обврзници, може да значи дека странските инвеститори реагираат на протекционистичките мерки на Трамп со продажба на американски имот, велат аналитичарите.

„Има очигледен егзодус од американските средства. Падот на доларот не е последица само на проценките за забавување на растот на американската економија и трговска нестабилност. Има и нешто повеќе, тоа е пад на довербата во доларот и кредибилитетот на американската политика.

„Досега, во периоди на одбивност кон ризикот на инвеститорите, доларот зајакнуваше како сигурна валута, но сега доларот е под притисок, додека јапонскиот јен и швајцарскиот франк зајакнуваат“, објаснува Вин Тин, стратег во Brown Brothers Harriman.

Би можело да ве интересира

Американците парализирани од тарифите на Трамп: „Не можам веќе да следам“

ВИДЕО: Што ќе значи трговската војна на САД и Кина за светот

Пекинг ги исмева царините на Трамп: „MAGA капите се произведуваат и во Кина, сега се многу поскапи“

Катерина Ѓуровски

ВИДЕО: Не ја обвинувам Кина, ги обвинувам тие пред мене зошто биле глупави, вели Трамп

Катерина Ѓуровски

(ВИДЕО) Кинезите објавија воен говор на Мао Це Тунг: Никогаш нема да попуштиме

(ВИДЕО) Трамп се предомисли: берзите растат, доларот се стабилизира, пад на цената на нафтата