Рафтовите на македонските библиотеки од денеска се побогати за уште 20 нови изданија од кои се учи на врвните, најдобрите и најреномираните универзитети на светот.
Со ова бројот на досега преведени, промовирани и дистрибуирани изданија во рамки на проектот „Превод на 1000 стручни, научни книги и учебници“ ја надмина бројката од 700.
Промоцијата се одржа во Читалната „1000 книги“ во ГТЦ во Скопје, во присуство на премиерот Никола Груевски и министерот за образование и наука Панче Кралев кој ги промовираа новите изданија, истакнаа дека проектот за превод, објавување и дистрибуција на странска стручна литература не застанува, туку продолжува со истото темпо.
„Како никогаш претходно, врвни дела од областа на медицината, земјоделството, правото, економијата, информатиката, природните и општествените науки и во сите други научни сфери, постојано и постојано се додаваат на рафтовите на македонските библиотеки, читални и факултети, рече премиерот Груевски.
Тој изрази уверување дека младите и студентите се тие кои во иднина ќе ги моделираат политиките на развојот на Македонија и од нив ќе зависи дали во земјата ќе се спроведуваат квалитетни политики во чекор со развиените и напредни земји.
Министерот Кралев смета дека новите преведени книги, како и сите претходни и идни изданија од овој проект ќе придонесат за проширување на знаењата на сите заинтересирани читатели, како и за следење на светските текови во одредени области.
„Можноста да се користи најнова научна литература и да се консултираат најнови научни сознанија по одделни области, дава придонес во едукацијата и идниот професионален развој, усовршување и оспособување на стручниот кадар“, рече Кралев.
Тој најави дека ресорното министерство ќе продолжи со промоција на дистрибуција на преведените научни изданија.