По неодамнешниот инцидент во рудникот „Тораница“, јавноста по којзнае кој пат се најде во лавина од информации, реакции и обвинувања. Сценариото е веќе познато – еден изолиран случај предизвикува општа анатема врз целата индустрија. Но дали ова е вистинскиот пристап?
„Рударството, кога е регулирано и модернизирано, не е закана, туку шанса,“ вели инженерот Виктор Грозданов во својата анализа. Според него, проблемот не лежи во самото постоење на рударската индустрија, туку во начинот на кој таа се регулира, контролира и модернизира.
Македонија располага со значајни минерални ресурси – бакар, олово, цинк – кои се од стратешко значење не само за локалниот, туку и за европскиот пазар. Во време кога се зборува за дигитална и енергетска транзиција, токму овие суровини се клучни за батерии, кабли, соларна енергија и други зелени технологии.
Но, наместо да водиме конструктивна дебата за тоа како да се подобрат условите во индустријата, јавноста е често изложена на популистички пароли. „Затвори го рудникот“ не е решение. Напротив – тоа значи затворање на работни места, намалување на локалниот развој и увоз на суровини од земји со многу пониски еколошки стандарди.
„Наместо емоции, ни треба рационален пристап, заснован врз стручност, модерна технологија и засилен инспекциски надзор,“ додава Грозданов.
Рударството, ако се води на исправен начин, може да биде алатка за локален и национален развој. А со иновации, транспарентност и соработка со заедниците – може да стане пример, а не проблем.