Српскиот парламент со 142 гласа „за“ и 72 „против“, ја избра новата српска влада.
Премиер е Ивица Дачиќ. Тој по изборот ја даде заклетвата која гласи:
„Се колнам на лојалност на Република Србија и со својата чест се обврзувам дека ќе ги почитувам законите и Уставот, дека должноста член на Влада ќе ја извршувам совесно, одговорно и ќе бидам посветен на зачувување на Косово и Метохија внатре во границите на Србија“.
„Приоритет на новата влада ќе биде економска преродба“, вети Ивица Дачиќ.
Во експозето беше дециден, Србија нема да ја признае независноста на Косово, но е неопходно да се спроведе се што е договорено во дијалогот со Приштина.
Пратениците од опозицијата, остро и жестоко ја критикуваа владината коалиција, но порачаа и дека на новата влада треба да и се даде шанса.
Дачиќ, освен премиер, е и министер за внатрешни работи, а вицепремиер, одговорен за одбраната, безбедноста и борбата против корупцијата и криминалот и министер за одбрана е в.д. претседателот на Српската напредна партија Александар Вучиќ.
Вицепремиер, одговорен за европската интеграција е Сузана Грубешиќ од Обединетите региони на Србија, вицепремиер и министер на труд и социјална политика, Јован Кркобабиќ, од Партијата на обединетите пензионери на Србија, и вицепремиер и министер за внатрешна и надворешна трговија, телекомуникации и информациско општество, Расим Љаиќ, од Социјалдемократската партија на Србија.
Министер на надворешни работи е непартиска личност – дипломатот од кариера и поранешен амбасадор во Кипар и Јапонија, Иван Мркиќ.
Финансиите и економијате ќе ги раководи лидерот на Обединетите региони на Србија Млаѓан Динкиќ.