Покрај мртвото тело на 49-годишната гостинка, вработените во „Мек Доналдс“ во Шибеник најмалку еден час и половина продавале хамбургери како ништо да не се случило, изјави очевидец кој се наоѓал во продавницата за брза храна.
Во неделата доцна попладнето една босанска државјанка, која живее во Данска, дошла во ресторанот заедно со својот сопруг и ќерката. Нарачале храна и седнале на маса, а потоа таа почнала да се жали на болки во градите. Одеднаш паднала, а сопругот веднаш викнал итна помош. Иако помошта стигнала брзо, на несреќната жена и немало спас. Се обиделе да ја реанимираат, но можеле да утврдат само смрт поради инфаркт.
Додека чекале да пристигне патолог и полиција, вработените во ресторанот телото го покриле со бел чаршаф и го оставиле во близина на шанкот. Шокантно е што објектот продолжил нормално да работи.
„Само на метар-два од починатата работниците подготвуваа хамбургери и друга храна додека роднините се гушеа во солзи. Починатата до пристигнувањето на патологот околу 21:15 часот ја чуваше полиција. Но никој не го затвори ресторанот, што би било нормално за било која друга продавница, а не за ресторан за брза храна“, раскажува еден посетител на „Мек Доналдс“.
Од ресторанот тврдат дека вистината е спротивна. Според нивните изјави „Мек Доналдс“ бил затворен веднаш откако и се слошило на гостинката, а повторно бил отворен откако телото на починатата било однесено. За тоа време единствено работел одвоениот дел за послужување на гостите во автомобили, „Мек Драјв“.