Европскиот комесар за проширување Штефан Филе оцени дека преговорите за членство во ЕУ се единствена шанса за Србија и Европа сега ја гледа таа држава во ново светло – како динамична држава, одлучна за спроведување реформи и изградба на своја иднина базирана на вредности на Унијата.
– Србија сврти нова страница: историски договор на Белград со Приштина од април оваа година, важни гестови кон соседите со цел помирување, и над се отворање преговори за членство – наведува Филе во авторски текст во весникот „Данас“.
– Достигнувањата на Србија се моќен извор за инспирација за другите држави во регионот. Почетокот на пристапните разговори е особен пресврт во односите на Србија со ЕУ. И повеќе од тоа: тоа претставува можност без преседан за земјата и нејзините граѓани – наведува европскиот комесар.
Тој додава дека на површината процесот на преговори со ЕУ може да изгледа технички, со илјадници страници правила, акти и закони кои се анализираат и усогласуваат.
– Во стварноста тој процес нуди единствена шанса за спроведување реформи и воведување највисоки стандарди во многу области – истакнува Филе.
Според него, тој процес ќе бара многу ресурси извесно време, но напорите ќе бидат исплатливи.