Златна зора под истрага за финансиски криминал

Од:

Властите во Атина вршат претреси и проверка на финансиите на крајнодесничарската неонацистичка партија Златна зора, а Парламентот денеска треба да го разгледа одземањето на имунитетот на шестмина од нејзините пратеници, пишуваат грчките весници.

Весникот „Етнос“ наведува дека полицијата открила цел магацин оружје во вилата на бизнисменот Анастасиос Палас во елитната атинска населба Вула Палис. Претресот на вилата бил на барање на обвинителството. Постои сомнеж дека оружјето е поврзано со Златна зора.

Во вилата на бизнисменот Палас, кој неодамна беше обвинет за нелегално поседување оружје, е откриено значително количество оружје и други предмети. Станува збор за 20 парчиња огнено оружје, 60 ножа, десет оптички двогледи и електро-шок уреди.

Истовремено, беше соопштено дека членови на Службата за борба против финансикиот криминал вчера влегле во централните канцеларии на Златна зора и почнале проверка на финансиските сметки на партијата.

Весникот „Вима“ објави дека се проверуваат и канцелариите на пратеници и службеници со цел да бидат откриени податоци за спонзорите на Златна зора. Ова е прва акција на инспекторите во канцелариите на партијата, откако беше објавено дека ќе биде извршена проверка на нејзиното финансиско работење.

Денеска грчкиот Парламент треба да се произнесе за одземањето на имунитетот на шестмина од вкупно 18 пратеници на неонацистичката партија. Комисијата бара одземање на имунитетот на тројца од пратениците, кои се соочуваат со обвиненија за членство и раководење со криминална организација.

Грчкиот парламент треба да гласа и законска измена за запирање на државните субвенции за политички партии, обвинети за вршење криминални дејности. Врз основа на оваа измена ќе биде запрено државното субвенционирање на Златна зора.

 

Би можело да ве интересира

Силен земјотрес во Грција

(ВИДЕО) Пожар во рафинерија во Грција: Железничкиот сообраќај во прекин, наредена итна евакуација

Горан Наумовски

СИРИЗА: Политиката на соработка со Македонија е замрзната

Италија, Шпанија и Грција со мерки за да го спречат масовниот туризам и бројот на туристите

Предраг Петровиќ

Драма во авионот за Грција: Пијан патник се обидел да упадне во пилотската кабина

Горан Наумовски

Серија земјотреси го погодија Крит