Во Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ денеска ќе биде промовирана монографија за Институтот за национална историја (ИНИ) од проф. д-р Марјан Димитријевски, научен советник во ИНИ.
Повод за изданието е 65-годишнината од формирањето и работата на ИНИ. Формиран е во 1948 година како прв научен институт, лидер и репрезент на научната мисла во тогашната Народна Репбулика Македонија.
– Монографијата „Историја на Институтот за национална историја“ на преку 200 страници научно го презентира институционалниот развиток на ИНИ и на историската наука во изминатиот шест и полдеценски период. Ова дело ја опишува историјата на овој реномиран научен институт од областа на националната историја, но и на историчарите-научници во НРМ/РМ, нивната научна еволуција во каузата за одбрана и презентирање на националната историја пред домашната и пред светската научна јавност, соопшти ИНИ.