Европската комисија ќе го презентира Извештајот за напредокот на Република Македонија

Од:

Комесарот за проширување на Европската унија Штефан Филе денеска во зградата „Берлемонт” во Брисел ќе ги објави годинашните извештаи за напредокот на земјите-кандидати и потенцијални кандидати во европските интеграции.

Како што јавува дописникот на МИА од Брисел, Филе на прес-конференцијата закажана за 14 часот и 30 минути ќе соопшти дека неформалната Влада на Унијата по петти пат едно по друго нотира дека Република Македонија ги исполнува сите критериуми и услови да ги започне преговорите за членство, препорачувајќи му на Европскиот совет да и дозволи на македонската држава да напредува во евроинтеграциите.

Она што е веќе познато е дека освен препораката, Комисијата на двапати во извештајот за Македонија ќе ја употреби придавката „македонски“, што пред две и три години воопшто ја немаше, а покрај пофалбите за економската состојба и за политичките критериуми, од македонската држава ќе се побара и воведување на т.н. „медиумска култура“.

Според стратегијата за проширување на Европската унија за 2013-2014 година што ќе ја објави Филе, Комисијата се повикува на 20-годишнината од воведувањето на Копенхашките критериуми, потенцирајќи дека клучни за проширувањето се почитување на правото, демократијата и економијата, со акцент дека за Република Македонија е клучно да направи пробив во преговорите за името.

Потсетувајќи дека пред 20 години земјите од Западниот Балкан биле вовлечени во воен виор, ЕК вели дека пред десет години на Самитот во Солун им додели на сите земји од Западен Балкан јасна перспектива за членство во ЕУ. Потенцирајќи го историскиот договор Белград-Приштина, како и влезот на Хрватска во Унијата, Комисијата за нашата земја истакнува дека излезе од политичката криза во која се најде на почетокот на годинава, но загриженоста останува, особено во однос на слободата на изразување и медиумите. „Преземени се чекори за подобрување на добрососедските односи. Пошироко, пробив во преговорите што се водат во рамки на Обединетите нации за името – сега е од витално значење, се наведува во делот за нашата земја.

Според Комисијата, пристапниот процес денес е поригорозен и посеопфатен отколку во минатото поради научените лекции од претходните проширувања. „Владеењето на правото сега е во срцето на процесот за проширување, а новиот пристап одобрен од Советот во декември 2011 година значи дека земјите мора да ги допрат прашањата како реформи на правосудството и борба против организираниот криминал и корупцијата во раната фаза на пристапните преговори“, се наведува во извештајот што претходно ексклузивно го објави МИА.

Комисијата бара засилување на демократските институции, почитување на основните човекови права, добрососедски односи, регионална соработка и потреба од обновени напори за надминување на билатералните спорови меѓу земјите во процес на пристапување и со земјите-членки на ЕУ.

– Билатералните прашања не треба да го задржуваат процесот на пристапување – порачуваат од неформалната Влада на ЕУ, што е порака за Грција и Бугарија да престанат да ја блокираат Македонија на Советот.

Идната година, според ЕК, стартува и вториот Инструмент за предпристапна помош наречен ИПА-2, што ќе изнесува 11,7 милијарди евра за наредните седум години достапни за подобрување на инфраструктурата и реформи во повеќе области за земјите-кандидати и потенцијални кандидати.

За клучните предизвици за земјите од Западен Балкан, Комисијата ги наведува: економско владеење и конкуренција, владеење на право, функционирање на институциите што гарантираат демократија, основни права и надминување на наследството од минатото. Притоа, се додава дека визната либерализација за земјите од Западен Балкан предизвикала кај сите нив да преземат реформски чекори во однос на овој процес.

– Во однос на БЈР Македонија, договорено е и взаемно прифатливо решение во рамки на преговорите олеснети од страна на Обединетите нации во рамки на проблемот поради името на земјата има потреба од решение без понатамошно одложување. Комисијата е подготвена да го олесни создавањето неопходен политички поттик во потрагата по решенија и да поддржи иницијативи поврзани со ова прашање, се наведува во извештајот каде главната порака е дека е потребно „помирување во регионот“.

Кога станува збор за заклучоците и препораките за земјите-кандидати и потенцијални кандидати за членство, во однос на Македонија се вели дека нашата земја е првата што потпиша Договор за стабилизација и асоцијација (ССА) со Европската унија во 2001 година, дека осум години е земја-кандидат, по позитивното мислење на Комисијата во ноември 2005 година и одлуката на Европскиот совет во декември истата година. „Од 2009 година, Комисијата оценува дека земјата доволно ги исполнува политичките критериуми и препорача отворање на преговорите, а од истата година, ЕК исто така препорачува и дека треба да започне втората фаза од Договорот за стабилизација и асоцијација. Но, и во двата случаи не е донесена одлука од страна на Советот“, се потенцира во извештајот.

Во овој документ, каде се сублимирани деталите од целосниот извештај за Македонија што изнесува повеќе од 50 страници, се наведува дека „дваесет години по влезот на земјата во Обединетите нации, решение на прашањето за името треба да се најде без понатамошно одложување“.

Исто така, Комисијата признава дека е заглавен напредокот на Македонија во евроинтеграциите поради недавањето дозвола на Советот за почеток на преговорите за членство. – Во недостаток на процес на преговори, главен форум за дискусија и мониторинг на реформите се телата формирани во рамки на Договорот за стабилизација и асоцијација, како и со Пристапниот дијалог на високо ниво (ХЛАД), кој е воспоставен во 2012 година. ХЛАД-от придонесе за прогрес во повеќето приоритетни области. Остварениот прогрес во рамки на ХЛАД ќе ја постави земјата во добра положба кога ќе започнат преговорите. Како и да е, овој Пристапен дијалог не е и не може да биде замена за премин во отворање на пристапните преговори, се наведува во извештајот.

Официјален Брисел издвојува простор и за политичката криза што следеше во Македонија по настаните во Парламентот што се случија при крајот на минатата година. Па, така, во извештајот се наведува дека тоа „покажа длабока поделба меѓу политичките партии, влијаејќи на функционирањето на Парламентот и демонстрираше потреба за конструктивна политика во национален интерес“. Во однос на објаснувањето во извештајот на овие настани се наведува дека „за време на усвојувањето на буџетот за 2013 година, присилното отстранување на опозициските пратеници и на новинарите од парламентарната сала, резултираше со тоа најголемата опозициска група да го бојкотира Парламентот и да се закани со бојкот на локалните избор“.

Притоа, ЕК наведува дека долготрајниот ќорсокак бил решен со имплементација на политичкиот договор од 1 март што вклучи враќање во Парламентот на опозициските пратеници, учество на локалните избори, прогресивни препораки од страна на Комисијата за истраги на собраниските настани, потпишување меѓупартиски Меморандум за разбирање во однос на стратешките евроатлантски цели на земјата и понатамошна работа на изборните реформи.

Притоа, се потенцира дека обнова на дијалогот меѓу Владата и новинарите останало неисполнето, а дека консензусот за извештајот на Комисијата за истраги покажал оти е можно, со политичка волја и преку дијалог и компромис, да се најдат конструктивни решенија, но дека препораките на Комисијата за истраги треба да бидат имплементирани во целост.

– Генерално, земјата продолжува доволно да ги исполнува политичките критериуми. Локалните избори во март/април 2013 година беа оценети од страна на ОБСЕ/ОДИХР како професионални и ефикасно администрирани, истакнувајќи дека постои замаглување на дистинкцијата меѓу државата и партијата и препорачаа дополнителни измени на изборната легислатива. Земјата го заврши најголемиот дел од своите судски реформи меѓу 2004 и 2010 година. Понатамошен прогрес е направен годинава во областа на ефикасност на судството, а прогрес има и во воспоставување на сеопфатни податоци за анти-корупција спроведување на досегашната практика, што би требало и да се изгради во иднина – гласат пофалбите за Македонија во извештајот на ЕК.

Во однос на слободата на изразување, се потенцира дека “напредокот во дијалогот со медиумите е во застој по протерувањето на новинарите од парламентот, а и покрај развојот на законодавната рамка, репутацијата на земјата за слобода на медиумите се влошува”. Притоа, исто така е наведено и дека “затворањето на голем број медиумски места во последниве години, исто така ја намали разновидноста на различни ставови достапни до граѓаните”.

– Земјата веќе достигна високо ниво на усогласеност во однос на тоа каде се наоѓа во процесот на спроведување на постојната легална и политичка рамка, слична до земјите кои веќе се поврзани во процесот на преговори. Во областа на владеењето на правото, независноста и компетентноста на судовите мора да бидат понатаму подобрена и поголем фокус да се стави на квалитетот на правдата до граѓаните – порачуваат од неформалната Влада на ЕУ.

Во однос на корупцијата, за Македонија се влеи дека таа останува распространета во многу области и дека “продолжува да биде сериозен проблем”. Па, затоа, Комисијата порачува дека земјата треба да демонстрира материјално влијание од постоечките анти-корупциски мерки и да имплементира ефективни мерки во борбата со организираниот криминал.

За слободата на изразување, пак, се потенцира високиот степен на поларизација во медиумите што „поради политичка погодност го отежнува развојот на објективно известување, става економски притисок на новинарите и на сопствениците на медиумите, (вклучително и по пат на чудна употреба на владините рекламирања) и ги одржува лошите професионални стандарди“.

 – Дијалогот меѓу Владата и претставниците на медиумите мора да се обнови, да произведе конкретни резултати, да ја промени медиумската култура, како и да воспостави клима на засилување на довербата. Преостанатите препораки на ОБСЕ/ОДИХР мора да се имплементираат, се вели во извештајот.

Во однос на стратегијата за интеграција на Ромите, ЕК препорачува проактивност, како и дека „се потребни поголеми напори во борбата против нетолеранцијата, меѓу останатото и во однос на ЛГБТИ-групите.

Исто така, Комисијата порачува дека итно е потребно да се разгледа Охридскиот договор, за тоа дека е посебно важно за меѓуетничките и меѓузаедничките односи, да се комплетираат неговите препораки и тие да се применат. „Ова, како и продолжувањето на децентрализацијата, се клучни елементи на договорот што ќе придонесат за стабилноста во државата и надвор од неа“, велат од Брисел.

– Државата, генерално ги поддржува добрите односи со останатите земји од процесот на проширување и игра активна улога во регионалната соработка. Конструктивниот пристап во односите со соседите, ЕУ-членки, останува важен и чекорите и изјавите што може негативно да влијаат на добрососедските односи мора да се избегнуваат, препорачува Еврокомисијата.

Што се однесува до економските критериуми, во извештајот се вели дека Македонија добро напредува во некои области, дека е направен понатамошен прогрес кон функционирачка пазарна економија и дека државата треба да биде во состојба да се соочи со притисокот на конкуренцијата и пазарните сили внатре во Унијата на среден рок, доколку таа силно ја имплементира програмата за реформи за да се намали значајните структурни недостатоци.

– Економските активности стагнираа во 2012 година, а економскиот раст се обнови во првата половина на 2013 година. Но, имајќи ги предвид предизвиците од надворешното опкружување, макроекономската стабилност е зачувана. Невработеноста останува многу висока, посебно кај младите лица, а растот на дефицитот и јавниот долг ја зголемија ранливоста на државата, порачува Европската унија.

Затоа, од Комисијата велат дека се потребни мерки за соочување со причините за висока невработеност, посебно со решение на способноста за работа. „Одржливоста на јавните финансиии мора да се засили, а фискалната политика мора да се прилагоди на приоритетите на структурна реформа и да се ориентираат кон трошење што ќе го зголеми растот“, велат од Брисел.

Исто така, во извештајот се потенцира оти воведување на фискална рамка во среден рок и стратешко планирање би требало да придонесат во засилување на фискалната дисциплина. Дека се потребни понатамошни напори за ефикасно да се спроведува јавниот финансиски менаџмент, за да се осигура најефикасно и транспарентно користење на јавните и ЕУ-фондовите.

– За да се осигураат поголеми приватни инвестиции, потребни се понатамошни напори за подобрување на работната околина што негативно е погодено со корупција, како и претераното долгата и скапа процедура на пазарот. Неформалниот сектор останува важен предизвик, а земјата има длабока и широка соработка со Европската унија во сите области на европското законодавство и таа е во напреден степен на усогласување на легислативата, на стретешко и институционално ниво, со фокус на административните капацитети и механизми за координација внатре во државната администрација, за да се осигура ефикасна имплементација, потенцираат од ЕК.

Притоа, се истакнува дека Македонија направила голем натамошен прогрес во подобрување на способностите за преземање одговорност за членство, дека државата продолжува да ги исполнува обврските преземени во рамки на Договорот за стабилизација и асоцијација во очи на десетгодишнината од стапување на сила на овој договор, а дека на подрачјето на внатрешен пазар имаме добро ниво на усогласување на легислативата е направена во областа на движење на робата, поштенски услуги и трговско право.

– Во областа на правосудство и внатрешните работи, државата добро напредувала во подготовката за визната политика, надворешните граници и шенген, како и полициска соработка. Реформата на јавната администрација мора да продолжи со имплементација на принципите на транспарентност, заслуги и рамноправен ангажман. Натамошни чекори се потребни посебно во подрачјето на регионална политика, заштита на околината и климатските промени, каде мора да се подобри имплементацијата на проектите финансирани од страна на ЕУ, како и квалитетот на водата, индустриското загадување и контрола на риск менагемент, порачуваат од Унијата.

Што се однесува до социјалната политика на вработување, во комисискиот извештај се наведува дека се потребни мерки за да се постигне инклузивен и ефикасен пазар, како и дека мора да се засилат внатрешните финансиски контроли во јавната администрација.

– Се на се, државата постигна ниво на усогласеност со европското законодавство на доволно ниво за да може да оди во следната фаза од пристапниот процес, се наведува на крајот од извештајот што означува нова, петта по ред, препорака на Комсијата Македонија да ги почне пристапните преговори.

Би можело да ве интересира

ЕУ ја забрзува трката по минерали – нов повик за рудници, Македонија ќе се усогласува

Предраг Петровиќ

Голдшмит: Босна и Херцеговина дефинитивно не е подготвена да биде вклучена во ЕУ

„Фајненшл тајмс“: ЕУ стравува дека Трамп ќе биде обвинета за воениот неуспех на Украина

Калас: Треба да престанеме да купуваме руска енергија

Горан Наумовски

Пољански: Европа сака Украина да не ја изгуби војната

Орбан: Западот повеќе не е пример за следење