Цивил и „Проговори!“ – проект на уметниците за човекови права и солидарност најавуваат отворање на четири мултимедијални изложби истовремено, в петок, на 18-ти октомври во Мултимедијалниот центар Мала Станица, со почеток во 20 часот.
Овој потфат на Цивил се подготвува од април оваа година, кога започна проектот со поддршка на Министерството за надворешни работи на Сојузна Република Германија. Досега се одржаа неколку јавни настани, вклучувајќи прес конференции, поетски перформанси под заедничко име „Стихови наслободата“, една дебата на тема „Улогата на уметниците во одбрана на човековите права“ и изложбата на Мирослав Стојановиќ – Шуки под наслов „Емпатија за мртвите“ (27 септ. – 17 окт., клуб Менада).
-Четирите изложби кои се отвораат в петок се своевидно визуелно востание на неколку уметници чии дела се инспирирани од стремежите за човекови права. Овој настан е редок обид за враќање на општествената одговорност која по дефиниција ја имаат уметниците и интелектуалците во едно општество. Маја Стефановска, Харалд Шенкер, Александра Маја Милошевиќ и Џабир Дерала се авторите кои преку своите дела ќе „проговорат“ пред јавноста, велат организаторите
Маја Стефановска се претставува со мултимедијалната изложба „Молк“ која се состои од слики (масло на платно) и премиерно прикажување на истоимениот краток филм. Харалд Шенкер се претставува со изложба на фотографии насловена „Хјуман Рајц“. Александра Маја Милошевиќ настапува со изложба на слики (комбинирани техники) под наслов „тсончевоЧ“ (човечност – обратно). Џабир Дерала ќе се претстави со мултимедијалниот арт проект „Ние сме вистината“ која се состои од инсталации во просторот, визуелна поезија, перформанс и видео-арт.
Сите автори се претставуваат со сопствени уметнички визии за општеството во кое гласот на уметниците е мутиран, а нивната општествена позиција е извитоперена и подредена на дневната политика и борбата за власт.
-На почетокот на проектот, Цивил го објави манифестот „Проговори!“ со кој на уметниците им се обраќа со зборовите: „Ти растеш и се развиваш, оставаш траги на слободата и храброста зад себе. Ти никогаш не си сам-а. Твоите мисли и твоите дела, твоите креации се твои придружници. Не ти се потребни признанија од оние што вршат злосторства над убавината, оние што не разбираат ништо поинакво од моќта на парите и насилството. Спротистави им се со креативноста и човечките вредности. Ова е повик за солидарност меѓу оние што носат промени во светот со самото тоа што се. Ова е повик за ослободување на мислата. Повик за Акција. Проговори!, потсетува на манифестот на акцијата Џабир Дерала, писател и активист.
А.Б.