Скотланд Јард објави денеска за прв пат фото робот на човек кого британската полиција го поврзува со исчезнувањето на малечката Британка Маделин Мекан. Девојчето кое тогаш имаше безмалку четири години, исчезна без трага од хотелскиот апартман во одморалиштето Праја до Луш, во реонот на Алгарве, во Португалија, на 3 мај 2007 година.
Полицијата во Лондон верува дека сега трага по човек кој „може да биде од витално значење“ за целиот случај, иако Скотланд Јард објасни дека човекот може, но не мора да биде клучен за натамошниот тек на истрагата.
Сликите што се објавени на потерницата се направени врз искажувањето на двајца сведоци кои во ноќта кога исчезна девојчето, го виделе човекот во близината на хотелот. Станува збор за маж, на возраст меѓу 20 и 40 години, со средна височина.
Маделин Мекан од малото место Ротли, во англиската област Лестершајар, беше на одмор со своите родители и со помалечките брат и сестра, близнаци, во Португалија на кус одмор и за да го прослави својот четиригодишен роденден.
Во ноќта кога таа исчезна, нејзините родители, обајцата лекари, заедно со своите пријатели, беа на вечера во еден ресторан блиску до хотелот. Малата Маделин и другите две деца останале да спијат во хотелскиот апратман, но кога родителите се вратиле од вечерата, во собата каде биле децата, ги затекнале само близнаците кои и натаму мирно спиеле.
Португалската полиција покрена широка истрага, трагајќи по малата Британка, но набргу за случајот ги осомничи родителите на Маделин, тврдејќи дека тие ненамерно го убиле своето дете, давајќи му пресилна доза од некој препарат за спиење, па увидувајќи што сториле, подигнале тревога дека детето им е киднапирано.
Полицијата подоцна се откажа од оваа верзија за случајот, откако не најде докази за тоа, а не беше откриен ниту трупот на девојчето. Родителите се вратија во Велика Британија и поднесоа тужба против полицискиот инспектор кој откако беше сменет од истрагата, напиша и книга, обвинувајќи ги мајката и таткото на Маделин.
Полицијата во Португалија, во меѓувреме, ја прекин истрагата, признавајќи дека е немоќна да го реши случајот.
Во 2011 година, под притисок на родителите кои и понатаму веруваат дека нивната ќерка е грабната за да биде продадена за усвојување, како и на дел од лондонските медиуми, Скотланд Јард отвори своја истрага за случаотј.
Британската полиција признава дека засега нема сознанија за да се насочи кон сторителите. Лондонските весници тврдат дека полицијата уапсила еден Британец во врска со случајот на Маделин Мекан, но не го откриваат неговиот идентитет.
Според „Дејли Мирор“ станува збор за „исклучително значаен момент“ кој може да ги придвижи работите.