Вардар ремизираше 0:0 на реванш дуелот од второто коло во квалификациите за Лигата шампионите со БАТЕ Борисов, не успевајќи да ја надмине негативата од 3:2 од првиот меч во Белорусија и веќе на стартот го заврши својот настап.
Националната арена „Филип втори“ беше исполнета до последното место, на фудбалерите им беа обезбедени идеални услови за игра, но се беше попусто кога избраниците на Илчо Ѓорѓиоски не одговорија на предизвикот, одиграа далеку под своите можности и на крајот заслужено со наведнати глави го напуштија теренот, жалејќи за оној кошмарен финиш на првиот меч во Борисов, кога примија два гола за три минути во судиското продолжение.