Штандовите се поставени, а угостителите подготвени да ги послужат највкусните штипски пастрамаjлии. На само неколку часа пред официјалниот старт на 8-то издание на пастрамајлијада видлива е зголемената фреквенција на штипските улици.
За да ја кренат празничната атмосферата, штипските угостителите решија да се покажат како добри домаќини, па ги угостија првите посетителите со парче од џиновската пастрамајлија, која традиционално се подготвува за оваа манифестација.
„Ова е настан за паметење. Ние сме комплетно подготвени за оваа манифестација. На сите што ќе дојдат во Штип им посакуваме добре дојде и се надевам дека ќе уживаат, бидејќи навистина се потрудивме да направиме и програма, и услови луѓето да се чувствуваат пријатно. Сакаме сите да уживаат во пастрмајлиите и во добрата музичка програма“, изјави градоначалникот на општина Штип, Илчо Захариев, кој имаше чест и да го пресече првото парче од оваа џиновска пастрамајлија.
Пастрамајлијата се подготвувала повеќе од пет часа и за се употребени 20 килограми тесто и 15 килограми месо. Димензиите на џиновската пастрамајлија од 2,5 метри во должина и 80 сантиметри на во широчина сѐ уште не се доволни овој штипски специјалитет да се најде во Гинисовата книга на рекорди.
Во следниве четири дена посетителите ќе можат да уживаат во вкусот на добрата пастрамајлија, како и во музиката на неколку познати музички имиња, меѓу кои групата „Синтезис“, „Кад би био Бјело дугме“, како и познатата балканска ѕвезда Харис Џиновиќ.
Но, штипјани се и по малку нервозни поради метеж што се создаде како резултат на променетиот сообраќаен режим и затворањето на дел од улиците.
М.Р.