Државната комисија е надлежна да ги проверува анкетните листови за имотните листови на јавните функционери, а упорно одбегнува да го објави имотната состојба на сопствените членови. Како што пишува „Транспарентност Македонија“ во својот месечен извештај, ова е спротивно на членот 35 од Законот за спречување на корупцијата според кој „податоците од анкетниот лист претставуваат информации од јавен карактер, освен оние заштитени со закон“.
– ДКСК нема никаков кредибилитет да покренува прекршочна постапка и постапка за испитување на потеклото на имотот на функционерите кои не ја исполниле својата законска обврска, а јавноста да не биде запознаена дали членовите на ДКСК имаат поднесено анкетен лист и какво е движењето на состојбата на имотот со којшто располагаат. ТМ повторно укажува дека од проверката на имотната состојба од веб- страната на ДКСК се констатира дека голем број на функционери или немат поднесено анкетен лист – каков што е случајот со новоизбраната судијка на Врховниот суд на РМ – или имаат доставено непотполни податоци, спротивно на чл. 33 од Законот, меѓу кои има и пратеници, градоначалници, експонирани јавни обвинители, членови на Комисијата за верификација на факти, членови на Советот на град Скопје и други.
Како што се вели во извештајот, паѓа во очи фактот дека голем број од лицата кои поднеле анкетен лист за својата имотна состојба, пријавиле дека имаат побарување од даден заем во големи износи, што создава основано сомневање дека ова може да се користи како алиби за несразмерно зголемениот имот стекнат за време на вршење на функцијата.
Според ТМ, игнорантноста и селективниот однос на ДКСК спрема функционерите кои не ја исполниле законската обврска за пријавување на имотната состојба, доведува до недозволиво однесување и повреда на одредбите на Законот за спречување на корупција.
Од таму потсетуваат дека кон крајот на август поминал рокот во кој Државниот завод за ревизија и ДКСК требало да се произнесат во однос на мартовските локални избори, а се уште нема никаква информација за финансискиот аспект на работата на партиите за изборите, особено за финансирањето на изборите од страна на ВМРО-ДПМНЕ.
Петар Клинчарски