Второто издание на фестивалот за креативни индустрии „Скопје креатива“ од денеска до 12. октомври во Универзална сала – Скопје ќе понуди осум работилници, повеќе презентации, театарска претстава „Градот убав“ и концерти. Мотото на фестивалот е „Погледни подалеку“.
Отворањето ќе биде одбележано со презентација на првата македонска компјутерска игра „Освојувањата на Александар Велики“, дело на графичкиот дизајнер и аниматор Елена Попова, програмерот Сандра Николовска, а музиката е на Дуња Иванова.
Организатори на овој проект се Град Скопје, Универзална сала и Соларис продукција од Скопје. Фестивалот е дел од проектот „Платформа за развој на креативни индустрии“, што се реализира цела 2013 година.
Фестивалот е поделен во три дела, едукативен, изложбен и забавен. Во едукативниот дел или на работилниците ќе се создаваат производи кои ќе бидат презентирани на последниот дел од фестивалот. Експо или изложбениот дел има за цел да промовира иновации и креативни производи. Дел од нив се „Замрзнувачко шише“, иновација на Зоран Мијаков од компанијата „Фригомонт“, а ќе бидат презентирани дизајн на огледала од вулкански масиви во изведба на компанијата „Гоговски“, уникатни парчиња дизајнерски мебел на две македонски компании „Смарт ливинг“ и креативното студио „БТС Арт фактори“, нови дизајни на „Велосипеди по мерка“ на компанијата „Драгон Кастм“, креативни производи на уметникот Зоран Тошевски и скулпторот Александар Ефтимовски.
Во рамки на фестивалот, работат студентите од Архитектонскиот факултет кои имаат цел да создадат уникатен дизајн на позната фонтана пред Универзална сала. Нивниот проект е „Метаморфози“.
Во забавниот дел концерти ќе настапат „Летечки пекинезери“. Последниот фестивалски ден, 12 октомври, е резервиран за базар, на кој македонски креативци-индивидуалци ќе презентираат рачно изработени дизајнирани уникати. Влезот за посетителите е бесплатен.