Во Куршумли Ан денеска беше промовирана монографијата „Inscriptiones Stoborum“ („Натписите од Стоби“) од м-р Славица Бабамова. Ова е прва монографијата во издание на Националната установа Стоби, во рамки на едицијата „Студии за старините на Стоби“.
– Целта на оваа едиција е систематска обработка и публикување на тематски целини и студии поврзани со различни аспекти од историјата и археологијата на градот, кои ќе продонесат во реконструкција и подобро разбирање на животот во еден римски провинциски град како Стоби, рече директорката на НУ „Стоби“ Силвана Блажевска.
Промоторот, академик Вера Битракова Грозданова потенцира дека за излегување на оваа монграфија требало време, напор и знаење за да биде собрано на едно место се она што го нуди Стоби.
– Во макотрпна работа се втурнала м-р Славица Бабамова, да собере дела и материјали кои не секогаш ни се на дофат. Тоа е растурен материјал низ музеите и во публикации. Огромниот материјал или над 309 споменици, Бабамова ги собира, претставува, исчитува, прави ревизија, особено на објавените. Таа има нов и голем материјал, над 200 се необелоденети, рече Битракова Грозданова.
Авторката посочи дека нејзината должност била да ги пренесува пораките и чувствата оставени и запишани во каменот.
Монографијата ја подготвувала повеќе години, а интензивно последната година ипол. Монографијата ги содржи сите натписи најдени во Стоби, освен седиштата од театарот. Се работи за натписи испишани на камен, мозаици и малтер.
– Главно се пораки запишани на фреските во епископската базилика. По типологија се различни, има натписи посветени на богови, божества, култови, а најголемиот дел се надгробни, рече Бабамова.
Преку натписите, како што рече, се открива структурата на населението во Стоби, каде имало доселени угледни римјани и домородно сиромашно население. Потенцира дека ова е прво издание на натписи во Македонија што го објавува наша институција и наш автор, без поддршка од страна.
Изданието финансиски е помогнато од Министерството за култура и винарија „Стоби“.