Лошото раководење со општината од страна на СДСМ и градоначалникот Зоран Дамјановски го однесе пред банкрот и ЈП Куманово Паркинг, нагласи Јордан Пачков, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ на денешната прес – конференција.
Додека во сите општини претпријатијата за паркинзи се профитабилни и се значајни за општините, истакна тој, ЈП Куманово Паркинг тоне во големи долгови и е пред банкрот.
– Долгогодишното уништување на јавните претпријатија како ЈП Куманово ГАС, ЈП Водовод Куманово, ЈП Куманово Паркинг е резултат на лошото водење на општината од страна на СДСМ и Зоран Дамјановски, рече Пачков.
Куманово Паркинг, информира, има акумулирани загуби од 16.583.661 денари и тековни обврски од 28.864.000 денари.
– Од тековните обврски 24.000.000 денари се долгови кон добавувачи, а 4.864.000 денари се краткорочни обврски. Значи вкупниот долг на претпријатието, кој за жал се повеќе се зголемува, изнесува 45.447.661 денари, појасни пратеникот Пачков и додаде оти ЈП Куманово Паркинг е единственото претпријатие за јавни паркинзи во светот кое трпи огромни загуби.
Уште една потврда дека претпријатието е пред банкрот, посочи, е тоа што вработените веќе четири месеци немаат земено плата.
– И покрај огромните загуби кои ги претрпува претпријатието, советниците на СДСМ и градоначалникот Дамјановски донесоа одлука на седница да пренаменат 4.000.000 денари од јавното осветлување кое е под ЈП Куманово Паркинг, за зголемување на основачкиот влог на ЈП Куманово Гас, кое исто така е во огромни долгови. И пак двете претпријатија во огромни долгови и загуби, изјави Пачков, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.
Пачков ги повика СДСМ и Зоран Дамјановски да понесат одговорност пред граѓаните на Куманово за недомаќинско и, како што рече, шарлатанско водење на општината.