Поранешниот бангладешки министер Абдул Алим денеска е осуден на доживотен затвор поради злосторствата извршени за време на војната за независност на Бангладеш од Пакистан во 1971 година, јави ДПА.
Алим, кој е член на опозициската Националистичка партија на Бангладеш, е осуден од специјалниот суд за воени злосторства што ги испитува обвинувањата против актуелни и поранешни политичари за соработка со пакистанските сили за време на деветмесечната војна.
Алим (83) беше прогласен за виновен по обвиненијата за геноцид, грабежи, опожарувања и други злостроства против човештвото за време на војната, во која загинаа три милиони лица.
– Алим ја заслужуваше смртната казна, но Судот го осуди на доживотен затвор, имајќи ја предвид неговата возраст и лошата здравствена состојба, изјави главниот обвинител на Бангладеш, Махбубеј Алам.