Министерот за животна средина и просторно планирање Абдилаќим Адеми од 8 до 11 октомври во Будимпешта учествува на Самитот за води што го организира Унгарската влада, во соработка со ОН и Светскиот совет за води.
На собирот присуствуваат преставници на повеќе од 100 држави, а се дискутира на теми повразани со управувањето со водите и нивното пречистување, соопшти МЖСПП.
Самитот го отворија генералниот секретар на ОН Бан Ки Мун и унгарскиот претседател Јанош Адер.
Средбата во Будимпешта има за цел да ги сумира различните случувања во рамките на системот на ОН и надвор од него во поглед на подготовката на целите поврзани со одржливиот развој на водите согласно платформата позната како Рио + 20.
Во текот на четирите дена, повеќе од 1.500 дипломати, претставници на влади, меѓународни организации, финансиски институции, компании, граѓански организации, екперти за управување со водите и научници, имаат можност да дискутираат и да разменуваат мислења и искуства во справувањето со предизвиците во управувањето со водите и нивното пречистување, при што посебно се акцентирани условите на брз раст на популацијата и климатските промени.
Од самитот треба да произлезе декларација која ќе дефинира препораки за одржлив развој за водите и пречистувањето по 2015 година, соодветни со мултидиомензионалните предизвици во оваа област.
Како пропратен настан на самитот организирана е и изложба за води и пречистување, која е фокусирана на чисти, иновативни и достапни решенија на полето на водите и пречистувањето, информира МЖСПП.