Судии бааат пристап до банкарските сметки на пратеници и функционери од Златна зора

Од:

Судиите кои ја водат истрагата за тоа дали Златна зора дејствувала како криминална организација побараа помош од одделот за финансиски криминал (СДОЕ) и независната комисија за спречување на перењеto пари, за да добијат пристап до банкарските сметки на пратеници и функционери на оваа ултрадесничарска партија.

Како што јави дописникот на МИА од Атина, судиите сакаат детално да ги проверат финансиските трансакции на 32 лица, вклучувајќи ги и шесте пратеници кои минатата недела беа уапсени под обвинение за припадност на криминална организација, со цел да се разоткријат активностите на партијата. Се уште не е познато дали ќе се дозволи пристап до сметките.

Судските власти, исто така, побараа помош од Парламентот за проширување на својата истрагата и укинување на имунитетот на тројца пратеници на Златна зора – Јоргос Герменис, Панајотис Илиопулос и Статис Букурас. Иако тројцата пратеници можат да се соочат со истите обвиненија како и нивните шест сопартијци уапсени минатата недела, судиите побарале дозвола од Парламентот да им се укине имунитетот затоа, што се смета дека тие претставуваат мала закана во однос на минатонеделната одлука за притвор на раководството на партијата.

Судските власти ја проширија истрагата со цел да ги вклучат тројца пратеници откако поранешни членови на Златна зора кои дале искази како сведоци тврделе дека пратениците одиграле клучна улога во организирање напади врз имигранти и обука на нови регрути во партијата. За Букурас било кажано дека складира и тргува со оружје и оти има „апсолутна контрола“ врз активностите на партијата во Коринт, вклучувајќи и напади врз имигранти и рекетирање. Весникот „Катимерини“ открива дека Букурас и членовите на Златна зора во Коринт се обвинети за инволвираност во голем број кривични дела, вклучувајќи напади врз левичари и уценување на локалните политичари и бизнисмени.

Според некои извори, од најмалку 10 поранешни членови и симпатизери на Златна зора е побарано да сведочат како заштитени сведоци. Парламентарниот Етички комитет денеска ќе го разгледа барањето на судиите за укинување на имунитетот на тројцата пратеници.

Исто така ќе ги испита и барањата за укинување на имунитетот на пратениците Илијас Панајотарис и Илијас Касидијарис, двајца од тројцата пратеници на Златна зора кои беа ослободени до судењето по обвиненија за одделни случаи на нарушување на мирот, и на Хрисовалантис Алексопулос за работата на нелегална радио станица во Лариса, централна Грција.

Пратениците ќе бидат повикани од страна на комисијата во рок од два дена, додека Парламентот наредната седмица ќе одржи пленарна седница на која ќе се дебатира за ова прашање и ќе се одлучи кога ќе се гласа.

Полициската операција против Златна зора продолжи и вчера со апсењето на Јанис Казацоглу (34), кој наводно бил патник во возилото управувано од Јоргос Рупакиас во ноќта кога беше убиен раперот Павлос Фисас. Рупакиас, кој е обвинет за убиство на Фисас и тврди дека го избодел раперот во самоодбрана, денеска ќе се брани пред истражен судија.

 

 

Би можело да ве интересира

Силен земјотрес во Грција

(ВИДЕО) Пожар во рафинерија во Грција: Железничкиот сообраќај во прекин, наредена итна евакуација

Горан Наумовски

СИРИЗА: Политиката на соработка со Македонија е замрзната

Италија, Шпанија и Грција со мерки за да го спречат масовниот туризам и бројот на туристите

Предраг Петровиќ

Драма во авионот за Грција: Пијан патник се обидел да упадне во пилотската кабина

Горан Наумовски

Серија земјотреси го погодија Крит