Група хакери, кои се нарекуваат „Хајден Линкс“ („Hidden Lynx“), извршиле повеќе кибер напади, се наведува во извештајот на компанијата за антивирусна заштита „Симантек Секјурити Респонс“.
Хакерите на „Хајден Линкс“, кои според експертите се меѓу најдобрите во својата област, можат да пристапат до компјутерската опрема при нејзината достава и пред таа да почне да се употребува. Потоа хакерите чекаат заразените компјутери да бидат инсталирани и поврзани во мрежата.
Компјутерските криминалци не се ограничуваат само на одредени цели, туки кон стотици различни организации во повеќе држави, се додава во извештајот.
Според „Симантек Секјурити Респонс“, со оглед на видот и бројот на целите, како и државите во кои се наоѓаат, оваа група најверојатно се состои од професионални хакери кои се најмени, од клиенти, за да им обезбедат информации, односно да вршат кражби по нарачка. Според експертите, за да се вршат напади од ваков вид, групата треба да има меѓу 50 и сто лица, организирани во најмалку две одделни екипи.
„Симантек Секјурити Респонс“ првата екипа ја нарече „Moudoor“, според името на видот на вирусот од типот на тројански коњ, кој тие го користат. „Moudoor“ е вид на т.н. „back door“ тројанец, кој екипата го користи без да старвува дека ќе биде разоткриена од фирмите за безбедност. Другата екипа дејствува како елитна единица за специјални операции, наменета да ги пробива највредните или најтешките цели.
Од 2011 година досега експертите за безбедност на компјутерските системи забележале најмалку шест големи кампањи, извршени од оваа група. Најзабележителен и кибер нападот ВОХО од јуни 2012 година, чија цел беше Министерството за одбрана на САД, чии системи се заштитени со софтвер на компанијата Бит9.
Над 52 отсто од фирмите и организациите, кои биле цел на напади на оваа хакерска група се во САД, а помал дел во Германија, Австралија, Русија и развиените азиски економии.