Во Музејот на македонската борба вечер ќе биде отворена изложба на Цветанка Јованова со која авторката ќе одбележи 10 години ликовно творештво.
Јованова (Неготино, 1979) дипломирала во 2001 година на Факултетот за ликовни уметности во Благоевград, Бугарија, на отсекот графика. Пред две години магистрирала на ФЛУ-Скопје, а од 2004 членува во Друштвото на ликовните уметници на Македонија-ДЛУМ.
Досега имала десет самостојни изложби во неколку градови во Македонија. Покрај претстојната изложба во Музејот на македонската борба, оваа година Јованова самостојно се претстави и во „Галерија 8“ во Скопје и во Националната галерија во Тетово.
Учествувала и на неколку групни изложби и на повеќе од сто ликовни колонии и работилници во земјата и во странство. Добитник е на наградата за акварел „Тофе Шулајковски“ во 2011 година.
За творештвото на Јованова во воведно излагање на отворањето на изложбата ќе говори Невзат Бејтули-Кица.