На комисијата за финансирање и буџет Радмила Шекеринска ја критикуваше политиката на оваа влада која придонела последниве години за масовно иселување на младите и огромна сиромаштија.
-Поразителна е состојбата со задолжувањето на Македонија. Каде започна Груевски како министер за финансии таму продолжи оваа влада. Министерот за финансии Зоран Ставрески, кој секоја година ја промашува проекцијата за растот на БДП и кој само пред еден месец тврдеше дека нема потреба од ребаланс на буџетот, нема кредибилитет да зборува, а особено не да биде арогантен и да се фали со состојбата во државата-рече Шекеринска.
Таа потсети и на 8 милијарди евра инвестиции кои ги вети оваа влада и кои според неа, како тргнало ќе станат 8 милијарди долг. На критиките на Шекеринска, министерот Зоран Ставрески одговори со констатацијата дека освен бојата на нејзиното палто која била свежа, говорот бил застарен.
-Вие немате кредибилитет да зборувате бидејќи народот вас ви кажува на избори што мисли за вас. Во ваше време немаше покачување на пензии, немавте инвестиции, не градевте училишта и ништо не работевте-одговори Ставрески.
-Кога министер за финасии репликата ја почнува со коментар за тоа како сум облечена тогаш ова зборува само едно, касата е празна. А дали видовте како бев облечена на 24 декември кога наредувавте да не исфрлат пратениците или како беше облечена една од жените која беше бремена, праша Шекеринска и додаде дека за тоа како и што работела додека била вицепремиер е докажано со кандидатски статус за членство во Европската Унија.