Со едногласно гласање „за„ на сите 22 пратеници во Советот на општина Центар, се усвоија заклучоците со кои градоначалникот Жерновски ќе треба да спроведе контрола на документите на претпријатието, а притоа и да се утврди дали се направени пропусти кога тоа е формирано за време на претходниот градоначалник Владимир Тодоровиќ. Исто така, одлуките предвидуваат на претпријатието да му се дозволи привремено да стопанисува со паркинзите во Центар, се до добивање решенија за сигнализацијата, но и да направи измените на финансискиот план и да го достави во Советот.
На вонредната седница, советниците на општина Центар водеа жестока расправа за незавидната состојба во која е доведено претпријатието, по спроведување на одлуката за отстранување на хоризонталната и вертикалната сигнализација од страна на Град Скопје и МВР.
Директорот на ЈП „Паркинзи – Центар“ Саша Богдановиќ побара да се донесат заклучоци од Советот на општината, со цел да се надминат сите забелешки од МВР и град Скопје и да се даде дополнително време за средување на проектите. Според него, потребно е сите претпријатија да имаат регуларни проекти, иако има слични ситуации каде град Скопје не реагира со инспекциски служби.
– Се уништува паркингот на жителите на Центар, ќе се нанесе финансиска штета на претпријатието во однос на сигнализацијата, а притоа ќе се скратат и приходите на пртпријатието од распределба на плати на вработените. Се обративме до МВР и град Скопје и ги замоливме да ни се даде разумен рок за поправка на проектите на кои има забелешки. По неколку разговори успеавме да ја „смириме топката“. Но, сега, дојдовме до стадиум кога се избришани сите вертикални и хоризонтални сиганализации по налог на инспекциските служби – изјави Богдановиќ.
Градоначалникот на Центар, Андреј Жерновски, изјави дека сето ова што се случува во општината не е случајно, а единствен начин да се дојде до решение на проблемот и изградба на заеднички став е доколку проблемот се извади од политичка конотација.
– Беше прашање на време кога ќе дојде до судир меѓу ЈП „Паркинзи – Ценар“ и град Скопје – изјави Жерновски.
Советничката од редовите на ВМРО – ДПМНЕ, Даниела Рангелова рече дека нејзината партија ја поддржува иницијативата, бидејќи и тие како и опозицијата сакаат граѓаните на Центар да имаат бесплатен паркинг. Меѓутоа, за советниците на ВМРО – ДПМНЕ беше проблематичка правната постапка на предлог заклучоците.
– Ние можеме да ги разгледуваме точките на дневниот ред, но не и да направиме нивно усвојување, бидејќи се соочуваме со правен проблем. Треба да гласаме за предлог одлуки за кои градоначалникот нема ингеренции – изјави Рангелова.
Правната служба на Советот на општина Центар ги обвини советниците дека доаѓаат со раце во џеб и неспремни на седница, ќе ја прашаат правната служба за мислење и после ќе импровизираат со него.
На ваквиот став реагираше и Цветанка Симоновска, која ја водеше седницата, одговарајќи на обвинувањето дека ваква изјава не доликува да се каже на седница.
ЈП „Паркинзи – Центар“ е формирано во времето на претходниот градоначалник од редовите на ВМРО – ДПМНЕ, Владимир Тодоровиќ.
Петар Клинчарски